Македонија
5. August 2017 - 11:48

ВМРО-ДПМНЕ: Одлуката на Апелацискиот суд скандалозна и противзаконска

ВМРО-ДПМНЕ смета дека вчерашната одлука на Апелацискиот суд е скандалозна и неразумна и директно го крши Законот за кривична постапка.

Како што изјави денеска Зоран Илиоски, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, Апелацискиот суд вчера потклекна под политичкиот притисок на СДСМ, на медиумите под контролата на оваа партија и на СЈО.

-  Ова е сериозен и незаконски преседан кој отвора можност незаконски прибавени докази да бидат дел од постапка. Судот не издржа на политичкиот притисок на СДС и не си ја исполни законската обврска судиите да одлучуваат само врз основ на Устав и закон. Судиите имаат обврска да бидат личности со интегритет и да не подлегнуваат под никаков притисок, рече Илиоски.

Според него, законот е јасен и дециден: „Доказите прибавени на незаконит начин или со кршење на слободите и правата утврдени со Уставот на Република Македонија, законот и меѓународните договори, како и доказите произлезени од нив, не можат да се користат и врз нив не може да се заснова судската одлука“.

- Сите граѓани од денес треба да се во неизвеснот и наместо да се потпираат на правото, зависат од милоста на Заев и Верушевски кои сега ги имаат полугите на власта и ќе може уште повеќе да ги кршат нашите права и слободи. Но, ова нема да трае долго. Набрзо ќе има промени и СДС ќе замине од власт. Секој што работи под диктат на СДС и вака ги крши законите за само да му се допадне и додвори на Заев, ќе сноси одговорност и ќе одговара  за своите постапки, исткана Илиоски.