Македонија
26. јуни 2017 - 16:10

ВМРО ДПМНЕ обвинува: СДСМ планира партизација, доказ снимката на пратеникот Дудуш

Скандалозна е изјавата на СДСМ со која посочуваат дека законите нема да важат за оние што имаат членска книшка на СДСМ, а ќе важат за сите останати, изјави на денешната прес-конференција Дарко Костовски од ВМРО-ДПМНЕ.

- СДС порачува дека за граѓаните да добијат социјална помош која и така законски им следува, потребно е да имаат членска книшка од СДС. СДС порача дека за еден граѓанин да извади имотен лист од катастар кој редовно му следува, потреба е членска книшка од СДС. СДС порача дека за граѓанин да отиде на доктор и ја добие здравствената помош која му следува, потребна му е членска книшка од СДС, рече Костовски.

СДС, продолжи тој, порача дека за да граѓанин отиде и извади пасош, лична карта или друг документ потребна му е членска книшка од СДСМ.

- За еден граѓанин да се стекне со правото на пензија, кое е законски загарантирано, исто така му е потребна членска книшка од СДСМ. СДС порачува за да се вработи било кој граѓанин во државава неопходна е членска книшка од СДС. СДС порачува за мајките да добијат породилен надоместок, тоа е можно само доколку се има членска книшка од СДС, рече Костовски.

СДСМ, истакна Костовски, преку пратениците порачува дека е спремна на целосна партизација во државата и со ова ги дели граѓаните, на членови на нивната партија за кои не важат законите и на сите останати граѓани за кој не постојат истите права.