Македонија
28. March 2017 - 16:56

ВМРО-ДПМНЕ нуди патоказ - решение за излез од политичката криза преку надпартиски договор

Со надпартиски договор за прашањата од државен интерес ВМРО-ДПМНЕ предлага излез од политичката криза. Во серијата чекори насловени како ПАТОКАЗ партијата нуди решенија за актуелната но и насоки за потенцијалните идни политички кризи.
 
- Над партиски договор за секое идно принципиелно решавање на внатрешни разлики, во рамки на институциите на државата, без странски агенди или претставници, единствено од страна на легитимно избрани претставници на Македонските граѓани.
 
Внатрешно обединување против вмешување во внатрешните работи на Република Македонија, од страна на странски политичари или држави кои се косат со концептот на почитување на суверенитетот или се спротивни на добрососедско однесување.
 
Заедничко отфрлање на планови, платформи или агенди кои се надвор од нашето уставно уредување или се спротивни на македонските стратегиски- државни интереси.
 
Осуда на секој директен или индиректен ревизионизам на Охридскиот рамковен договор, кој е целосно вграден во нашето уставно уредување.“, посочи на прес-конференција Антонио Милошоски.
 
Пред усвојувањето на овие заклучоци партијата смета дека сите политички партии треба транспарентно да ги објават своите позиции за неколку клучни политички теми.
 
-Дали важноста на праксата за тн. Коалицирање на победници од етничките заедници како фактор на дополнителна стабилност опстојува или се отфрла за иднина, во интерес на изедначување на гласот на секој пратеник, со сите логични последици од таков чекор ? Ова е неопходен предуслов со цел одбегнување на двојни стандарди и менување на обичаите зависно од изборните резултати. На долг рок ќе донесе предвидливост на политичката сцена.
 
Дали при конституирање на Собранието, позицијатта Претседател на СРМ следи политички на партијата или коалицијата која победила на изборите или е предмет на надгласување ?Во истиот контекст, кои се  гаранциите дека таа позиција не би била злоупотребена за политички махинации со цел одложување на изборите и игнорирање на волјата на мнозинството граѓани ?“ прашува Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ.
 
Од ВМРО-ДПМНЕ сметаат дека треба да се обелодени и дали партиите поддржуваат вмешување на странски агенди, дали партиите се за задржување на мултинационалниот карактер на државата наспроти бинационалниот и дали за сите политички актери приоритет е стабилизирање на државата наспроти редефинирањето на односите меѓу етничките заедници.
 
Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека нивната партија има јасни ставови и дека за сите прашања треба да одлучуваат легитимно избраните претставници на граѓаните.