Македонија
7. March 2017 - 10:36

ВМРО-ДПМНЕ: Нови избори и изјаснување за платформата од Тирана

ВМРО - ДПМНЕ денеска повика СДСМ доколку се сигурни дека платформата од Тирана е добра, да се согласат да се распишат парламентарни избори на кои пред граѓаните ќе ја понудат оваа платформа.

Според ВМРО-ДПМНЕ, усвојувањето на резолуција со која се осудува геноцидот врз албанскиот народ во Македонија во периодот 1912-1956 што е дел од платформата, практично се осудуваат борците од АСНОМ кои се бореле за слободна држава.

- Граѓаните на изборите ниту гласаа за Платформа од друга држава, ниту гласаа за формирање Тиранска Влада во Република Македонија. Граѓаните гласаа за проекти и економски просперитет, наведува ВМРО-ДПМНЕ во денешното соопштение.

Според ВМРО-ДПМНЕ, новата влада формирана од СДСМ ќе има улога против волјата на граѓаните да го прогласи албанскиот јазик и неговото писмо за официјален државен јазик, заедно со македонскиот и неговото кирилско писмо.

ВМРО-ДПМНЕ, како што се наведува, нема да дозволи никакви решенија што се спротивни на државните и националните интереси.