Бизнис
16. јуни 2017 - 17:59

ВМРО-ДПМНЕ: Николовски да побара итна владина седница за обесштетување на овоштарите

ВМРО-ДПМНЕ бара министерот за земјоделство Љупчо Николовски да побара итна и вонредна владина седница со точка на дневен ред, 100 процентно обесштетување на овоштарите чиј род настрада од временските непогоди и дополнителна поддршка за да може да ја преживеат годината.

-  Николовски со денови се крие и ги одбегнува овоштарите кои се соочуваат со реални проблеми и го нема да се појави во Росоман каде што состојбата со производството на праски е алармантна, исто како и со речиси целокупното овоштарство во Македонија. Го повикуваме да ги посети и земјоделците во Росоман, а не само земјоделците во Арачиново, бидејќи штетите се огромни и последиците кои следат од ненавремената помош може да бидат катастрофални по целокупното нивно производство, рече Ромео Тренов на денешната партиска прес-конференција.

Тој посочи дека СДСМ и понатаму се однесува како опозиција.

- СДС во текот на кампањата им ветуваше на земјоделците дека ќе им биде поддршка, а гледаме дека по влегувањето во своите кабинети, веднаш ги заборавија. Земјоделците се соочуваат со огромни штети заради временските неприлики, а засега нема никакви најави за нивно целосно обесштетување. За земјоделските производители, ова се единствени приходи за нивните деца и целокупните нивни семејства и ваква негрижа и несериозност од страна на Владата ќе значи носење на работ на егзистенција, потенцира Тренов.

Порача дека ВМРО-ДПМНЕ секогаш кога земјоделците се соочувале со слични непогоди излегувала во пресрет и штетите ги покривала 100 проценти, а Владата на СДСМ, како што рече, покажа колку не го цени земјоделството и трудот на земјоделците и дека е глува на апелите за помош кои доаѓаа директно од земјоделците и нивните здруженија.