Македонија
8. March 2018 - 16:19

ВМРО-ДПМНЕ нема намера да води дијалог за законот за јазици во оваа форма

ВМРО-ДПМНЕ нема намера да води дијалог за Законот за јазиците се додека тој не биде повлечен од собраниска процедура. Партискиот претседател вели времето од една недела кое Џафери го даде за надминување на состојбата го разбира како ултиматум, а ВМРО-ДПМНЕ како што рече, ултиматуми не прифаќа

За разлика од Мицкоски, во СДСМ се уште му даваат шанса на дијалогот, одбивајќи да коментираат како тоа се одразува на состојбата во владејачката коалиција. И заменичката на Заев денеска избегна да даде одговор. На новинарско прашање дали владината коалиција е во криза поради законот за јазиците Шеќеринска одговори дека сака тој да биде прифатен од сите

Додека во СДСМ се надеваат на дијалог, извори од ДУИ за медиумите блиски до власта брифираат дека Ахмети воопшто нема намера да разговара на оваа тема бидејќи според него, тоа е затворено прашање, најавувајќи дека законот за јазиците набрзо ќе биде изгласан во Собранието без воопшто да се разгледуваат амандманите на опозицијата. Шефот на кабинетот на Ахмети, Артан Груби вели дека ова прашање воопшто не предизвикува криза во владината коалиција додавајќи дека соработката функционира на одлично ниво.
За законот за јазиците со Мицкоски денеска разговарал и лидерот на Беса. И тој, од претседателот на ВМРО-ДПМНЕ го добил истиот одговор

Законот за јазиците Џафери го стави на седница на почетокот на неделава. По 6 часа обиди да собере поддршка за него, тој реши седницата да ја одложи на неодредено време.