Македонија
23. February 2016 - 13:35

ВМРО-ДПМНЕ нема намера да отстапи - изборите ќе бидат на 24 април!

ВМРО-ДПМНЕ нема намера да попушти под меѓународниот притисок и да ја повлече одлуката за распуштање на Собранието. Партиски извори за Press24 велат дека пратениците на најголемата владејачка партија не планираат сами да поднесат иницијатива за поништување на одлуката за распуштање на Собранието ниту пак да гласаат за неа доколку некоја од другите партии ја поднесе. 

Висок партиски функционер за Press24 вели дека ВМРО-ДПМНЕ има јасен став на кој опстојува уште од потпишувањето на Договорот од Пржино а тоа е дека изборите треба да се одржат на 24 април. Доколку некоја од партиите не се согласува со договореното во посредство на меѓународниот фактор тогаш нека поднесе иницијатива за поништување на одлуката за распуштање на Собранието и нека си обезбеди мнозинство за неа, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Експерти кои ги консултираше Press24 велат дека СДСМ може многу едноставно, доколку има гаранција од ДУИ, ДПА и останатите пратеници да поднесе иницијатива и да побара измени во Изборниот законик и поништување на одлуката за распуштање. Но, како што велат тие, опозицијата тогаш ќе мора да предложи друг датум за избори, што секако не и одговара бидејќи е јасно дека СДСМ сака кризата да се пролонгира што е можно подолго.

Меѓународниот фактор како можен датум го посочи 5 јуни, но СДСМ истиот го одби во серија преговарачки рунди и јасно е дека опозицијата нема намера да се појави пред граѓаните пред крајот на оваа година.

Опозицискиот лидер се обидува стравот од избори да го скрие зад ДИК, велат експертите. Според нив, Заев бара од Државната изборна комисија да каже кога ќе обезбеди услови за избори бидејќи знае дека таму го контролира мнозинството и дека ДИК ќе ги следи неговите барања и ќе му биде портпарол во целата ситуација. 
Но Законот е јасен. ДИК воопшто нема простор да каже дали и кога ќе се организираат избори. Законите велат дека оваа институција е должна изборите да ги спроведе тогаш кога ќе одреди Собранието без простор за нивно поместување.

 

СДСМ не сака да предложи датум бидејќи е свесен дека кога и да се одржат изборите резултатот ќе значи крај за политичката кариера на раководството предводено од Заев и Шеќеринска.
Дека е така покажуваат серија релевантни анкети меѓу кои и последната на Брима Галум која измери дека ВМРО-ДПМНЕ има повеќе од двојна предност пред СДСМ.