Македонија
27. April 2017 - 16:58

ВМРО-ДПМНЕ: Не се обидувајте да извршите државен удар

Насилниот и нелигитимен избор на претседател на Собранието ќе биде само вовед во формирање паралелни државни институции, акт којшто нема да донесе ниту разрешница на политичката криза, ниту поголема стабилност, ниту напредок на државата, рече денеска на прес-конференција пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Антонио Милошоски.

Повикот на Заев, наведе, за нелигитимен избор на претседател на Собранието е повик за конфликт, за тензии и за државен удар, кој може да предизвика голема штета, долгорочни и ненадоместливи последици за стабилноста и демократијата на Македонија.

- Заев вели дека доволно трпеле и оти нема место за натамошно трпение. Македонија ја трпи кризата која што тој ја создаде цели три години и сеуште ја трпи, но ако стабилноста на државата е во прашање трпението секогаш се исплаќа. Никој не треба да избрзува сега и да направи каков било неделовнички или незаконски чекор и со тоа да ја втурне државата во уште поголема поларизација, тензии, криза и штета за сите граѓани на Македонија, рече Милошоски.

Заев, потенцира Милошоски, е подготвен спротивно на Деловникот да ги замолчи пратениците во Собранието со цел, како што рече, оној кој  молчеше во ова Собрание да го избере за негов претседател.

- Претседател на Собранието може да се избере само во Собранието, во МАНУ се бира претседател на МАНУ, на Правниот факултет се избира декан на Правниот факултет, народот избира претседател на државата, а пратениците на легитимна и деловничка  седница избираат претседател на Собранието. Според Устав, закон и Деловник, секој друг обид за избор на претседател на Собранието ќе биде создавање паралелни институции на кои ќе се радуваат негаторите на македонската државност денес и во изминатите две три децении, рече Милошоски.

Пратениците во Собранието, посочи, се гласот на народот и во името на демократијата никој нема право да ги замолчи уште помалку во името на уцените кои ги трпи еден политичар. Народот е тој којшто нема да му прогледа низ прсти на аболицираниот Заев ако се обиде да го погази Деловникот или Уставот на Република Македонија и да формира паралелни институции, рече Милошоски.

Тој потенцираше дека ВМРО-ДПМНЕ одлучно ќе ги брани институциите, угледот и суверенитетот на Македонија колку и тоа, наведе, да му пречи на Заев во неговиот план за прифаќање секакви уцени со цел самиот да се искупи од судска одговорност.

Милошоски наведе дека Заев  од денес е единствениот политичар којшто повикал јавно да се урне собранискиот и уставниот поредок и да се изврши државен удар со паралелно собрание и паралелен избор на претседател на законодавниот дом.

- Знаеме оти притисокот врз Заев е огромен за да ги спроведе одредбите од платформата од Тирана за редефинирање на идентитетот на државата и затоа му се брза да го почне тој процес час поскоро, рече Милошоски, истакнувајќи и дека Заев нема доблест да прифати решение за кризата во државата и да излезе на парламентарни избори заедно со локалните.