Македонија
25. July 2017 - 12:37

ВМРО-ДПМНЕ: Народниот правобранител да покрене постапка против прогонот врз вработените во државната администрација

ВМРО-ДПМНЕ бара народниот правобранител како институција која се грижи за човековите права да покрене постапка против сите оние кои вршат партиски инспириран прогон врз вработените во државната администрација, а единствена причина, како што наведуваат, е затоа што не се членови на СДС.

- СДС противзаконски брка од работа и остава на улица самохрани мајки и жени и затоа обврска на народниот правобранител е да го спречи ова дивеење и хајка на партијата на власт. Должност му е на народниот правобранител конечно да се стави на страната на правдата, а не да молчи и немо да посматра, истакна денеска Благица Ласовска од ВМРО-ДПМНЕ.

Самохраната мајка Ристенка Атанасова, Бранка Шишовска од Берово, Роза Јаневска од Неготино, Весела Честоева, самохраната мајка Катерина Матиќ и уште десетици други жени, кои се веќе докажани професионалци во својата дејност, посочи, се оставени на улица да се снаоѓаат како што знаат и како што умеат.

- Партискиот прогон на СДС не застанува тука. Ветија дека ќе јадат живи луѓе, дека ќе бркаат на клоци од чистачка до министер, дека членската на СДС ќе стане нова лична карта. Гледаме дека тоа почнува да се остварува. Стотици вработени во администрацијата се под мобинг, закани и притисоци само затоа што се вработиле изминатите години и не се согласуваат со политиките на Зоран Заев. Граѓаните се сведоци на брутално и немилосрдно партизирање на иституциите, рече Ласовска.

Наместо СДС да се занимава и главна преокупација да му биде политичка одмазда на неистомисленици апелираме, посочи таа, да се фатат за работа и да ги изреализираат сите ветувања што им ги дадоа на граѓаните на Република Македонија

- Истовремено бараме сите вработени кои биле неосновано и незаконски избркани од работа да бидат заштитени од страна на Агенцијата за државни службеници, од трудовиот инспекторат, од Комисијата против дискриминација, од судовите. Интересите на граѓаните пред режимот на Заев мора да бидат приоритет на иституциите во Република Македонија. Истовремено очекуваме и канцеларијата на ЕУ да реагира на ваквото кукавичко однесување на СДС, додаде Ласовска.