Македонија
11. јуни 2017 - 10:24

ВМРО-ДПМНЕ: Најниската стапка на невработеност резултат на нашите добри економски политики

Според ВМРО-ДПМНЕ најниската стапка на невработеност во Република Македонија од 22.9 проценти во првото тромесечие од годинава е резултат на квалитетните економски мерки партијата ги презела во последните 10 години со кои се отвориле над 174.000 нови работни места.

- Додека ВМРО-ДПМНЕ е фокусирана на создавање подобра иднина за сите граѓани на Република Македонија, министерот Оливер Спасовски, држи празни прес-конференции со кои на граѓаните им ја покажува сопствената неспособност за чување и одржување на државниот имот, се вели во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.

Од партијата истакнуваат разликата меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ е во тоа што приоритет за ВМРО-ДПМНЕ е подобрување на стандардот на граѓаните, а за СДСМ да дефокусира од ветувањата што ги даде за избори.

- Колкава е штетата од неодговорноста на СДС може само да се претпостави, како што може да се претпостават и мотивите на Спасовски и Заев да не го одржуваат возилото во кое се превезуваат странски делегации, се додава во соопштението.

Од ВМРО-ДПМНЕ сметаат дека ќе биде подобро СДСМ побрзо да излезе од антиреформскиот филм, бидејќи, како што посочуваат партијата веќе не е опозиција и има одговорност да реализира проекти од полза на граѓаните.

- Граѓаните немаат никаква полза ако СДС бега од темата невработеност и ако ги игнорира постигнатите резултати, одбивајќи да понуди нови решенија во насока на подобрување на состојбите. Граѓаните од СДС очекуваат минимална плата од 16.000 денари и просечна плата од 30.000 денари, а докторите очекуваат плата од 100.000 денари. СДС треба да им каже на граѓаните до каде се новите 500 километри автопат кои им ги вети, посочуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Оттаму додаваат и дека граѓаните очекуваат Заев да им исплати по 30.000 денари со поврат на 15 проценти од потрошеното ДДВ, што беше едно од носечките ветувања во програмата на СДС.