Македонија
11. December 2017 - 17:10

ВМРО-ДПМНЕ на вонреден Конгрес на 22 и 23 декември - кој ќе го замени Груевски на лидерската позиција?

Неотповикливата оставка на Никола Груевски го свика Конгресот на ВМРО-ДПМНЕ. По 14 години, партискиот лидер заминува од највисоката позиција во палатата Христо Татарчев. Оставката пред Централниот комитет Груевски ја презентирал како морален чин и одговорност за поразот на последните избори и им предложил на сопартијците да го свикаат Конгресот за да изберат нов лидер.

Највисокото постојано партиско тело по две гласања го прифатило овој предлог со големо мнозинство.

Одлуката за Конгрес официјално ја отвора и трката за нов партиски лидер. Своите кандидатури веќе ги најавија Филип Петровски и Христијан Мицкоски. Иако се уште јавно не коментираат, се очекува во изборната трка да влезат и членовите на извршниот комитет Илија Димовски и Антонио Милошоски, а се спомнуваат и имињата на Никола Попоски и Александар Пандов.

За да влезат во изборната трка, сите ќе мораат да обезбедат потписи од 30 делегати на Конгресот, најдоцна до 21 декември.

Гласањето на Конгресот е тајно. Ако во првиот круг никој од кандидатите не обезбеди повеќе од 273 гласа, во вториот круг одат двајцата што освоиле најмногу гласови, а победник е оној кој ќе обезбеди мнозинство гласови од оние кои гласале, но само ако во постапката биле вклучени над половина од вкупниот број делегати. Во спротивно, целиот процес почнува од почеток.

Со оставката на Груевски, во оставка се и сите партиски тела но ќе ја вршат функцијата до избор на новите.

Покрај изборот на нов лидер, за на Конгресот се очекува да бидат подготвени и измени на партискиот статут кои треба да доведат до подобра функционалност на партијата.

Во својата тридецениска историја, ВМРО-ДПМНЕ имаше само двајца претседатели. Љубчо Георгиевски со партијата владееше 13 години од 1990та. Од нив 4 помина на власт. Груевски со ВМРО-ДПМНЕ владееше 14 години од 2003тата. Од нив, скоро 11 ги помина на власт.