Македонија
23. May 2016 - 16:39

ВМРО-ДПМНЕ: Како Шилегов купил два луксузни стана во само еден ден со пратеничка плата?

Режимот на ВМРО-ДПМНЕ создава милионери во редовите на СДСМ. Петре Шилегов е новиот на листата политичари од редовите на опозицијата со шест цифри зад себе.

Додека неговата партија обвинува за сиромаштија, а неговите сопартијци спијат во шатори пред Владата Шилегов успеал да заработи два суперлуксузни станови вредни 160.000 евра, велат од ВМРО-ДПМНЕ

Сител денеска го праша Шилегов, дали средната класа за која тој и Заев се залагаат купува по два стана во еден ден.

За да не мора Шилегов, имотната состојба ќе ја анализира Сител.

Според официјални податоци, Шилегов и неговата сопруга заедно месечно заработуваат помалку од 80.000 денари. Според актуелните каматни стапки на домашните банки, за кредит од 160.000 евра на 24 години, месечната рата би била некаде околу 1000 евра. Она што е нејасно е како Шилегов и неговата сопруга успеале да земат кредит, ако се има предвид дека банките бараат, Вашите примања да бидат 3 пати повисоки од износот на месечната рата.

Но тоа не е единствената нејаснотија ако го разгледате имотниот лист на Шилегов. Со новите станови во скопски Карпош, Шилегов и неговото семејство сега располагаат со вкупен недвижен имот во вредност од неверојатни 646 илјади евра.

Се возат во скапи автомобили вредни над 34.000 евра, а домот го украсиле со уметнички слики и накит кои вредат, скоро 180.000 евра. Само во злато и часовници, милионерот Шилегов има 130.000 евра.

Портпаролот на СДСМ очигледно највеќе сака кеш.

Дури 167 илјади евра тој и неговата сопруга чуваат во кеш, а готовината ја дополнуваат денарските книшки и добивките од непознати извори кои само годинава изнесувале 20.000 евра.

Кога ќе се направи целата математика, Шилегов и неговото семејство имаат имот од неверојатни  милион и шеесет илјади евра, од кои најголем дел отпаѓаат на недвижностите.

Со исклучок на куќата која ја добил како подарок, Шилегов од 2008 до лани купил 3 стана вредни 260.000 евра што значи дека секоја година во просек за време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ, само во недвижен имот инвестирал по скоро 40.000 евра.

Но покрај дебелиот имот, зад Петре Шилегов стои и дебело досие со афери и скандали. Лидерот на ГРОМ Стевчо Јакимовски го обвини дека земал мито како претседател на комисијата за жалби по јавни набавки, а во медиумите неговото име се поврзува со скандал поврзан со тендерот за пасошите и провизија тешка 1,7 милиони евра.