Бизнис
15. March 2017 - 19:52

ВМРО ДПМНЕ: Интензивно се гради гасификационата мрежа

Владата на ВМРО-ДПМНЕ ги реализира капиталните проекти за примарната, секундарната и терцијарната гасификација, со кои се отвора нова ера во енергетскиот сектор во Македонија со придобивки за стопанството и домаќинствата и истовремено поголема заштита на животната средина, оцени денеска на прес-конференција Христијан Мицковски, член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ.

СДСМ кога беше на власт, посочи Мицковски, не презеде никакви чекори ниту за изработка на основни проекти, ниту пак за физибилити студија за гасовод низ целата држава. - ВМРО-ДПМНЕ, уште во 2007-мата година почна да изработува енергетска стратегија за развој на Македонија каде е предвидена гасификацијата. Врз основа на таа стратегија денес е отпочната реализација на овој капитален проект во државата, рече Мицковски.

Како што наброја, Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ досега ја изгради примарната гасоводна мрежа од Клечовце – Штип, магистралниот гасовод  Штип – Неготино е во напредна фаза на изградба и се очекува да заврши до крајот на оваа година и оти во фаза на изградба е магистралниот гасовод  Скопје - Тетово – Гостивар.

Мицковски додаде дека во програмата „Реално“ на ВМРО-ДПМНЕ е предвиден и магистралниот гасовод Штип - Хамзали - Струмица - Гевгелија, како и  ред други делници, за кои мнозинството граѓаните на последните парламентарни избори дадоа поддршка. Но, потенцира Мицковски, СДСМ со своето деструктивно однесување го попречува реализирањето на овие проекти од кои директна корист ќе имаат граѓаните. 

Мицковски укажа и дека дополнително, покрај примарната гасификација, веќе се објавени и огласите за изградба на секундарниот и терцијарниот гасовод преку јавно-приватно партнерство, со што започнува процесот на секундарна и терцијарна гасификација во Македонија која се очекува да чини околу 150 милиони евра. Ќе бидат опфатени 17-те општини во Скопскиот регион, 36-те општини во Источниот регион и 26-те општини во Западниот регион.

- Покрај сите опструкции од страна на СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ ќе продолжи континуирано да работи во интерес на граѓаните, да предлага, осмислува и реализира мерки и проекти со кои ќе им се подобри животот на сите граѓани во Република Македонија, рече Мицковски.