Македонија
1. December 2017 - 11:28

ВМРО-ДПМНЕ и денеска ќе блокира крстосници и ќе протестира пред судот

Притварањето на уметници, глумци, режисери, архитекти, пратеници, припадници на безбедносните сили и луѓе кои беа дел од иницијативата „За заедничка Македонија“ со конструирано обвинение за тероризам е акт на безумие и политичка тортура. Измислувањето и конструирањето на обвинение за тероризам против луѓе кои не сториле ниту прекршок во својот живот е класичен политички реваншизам против сите кои не се согласуваат со антидржавните политики и имаа храброст тоа јавно да го кажат. Да се прогласат за терористи луѓе кои никогаш не држеле оружје во рака и истите да се изедначат со терористите од Диво Насеље кои убија осуммина бранители е срамно и недозволиво.

Во момент кога владата на Заев ослободува криминалци и убијци и најавува меѓународни комисии за терористите од Диво Насеље, органите на прогонот по негов налог се изживуваат врз чесни патриоти чиј единствен грев е што си ја сакаат татковината.

Република Македонија е заробена држава од хунтата на власт. Човековите права и слободи повеќе не важат. Ги укина лично злосторничката банда на Зоран Заев.

Правосудните органи се директно под контрола на Заев и неговата хунта. Слепо ги извршуваат неговите наредби. Неосновано се изрекуваат притвори, а потоа по налог на хунтата продолжуваат да се газат човековите права. Службените лица се изживуваат и ги фотографираат неправедно притворените, а потоа ги испраќаат фотографиите до медиуми под контрола на СДС за да му се пофалат на Заев што направиле. Доколку овие лица немаа наредба од највисокиот партиски врв на СДС за да го прават ова, досега ќе имаше кривична пријава и против нив и против директорот на Истражниот затвор „Шуто Оризари“, а невладините организации и новинарските здруженија ќе ги осудеа медиумите.

Реакција нема, затоа што овие лица не ги кршат човековите права на своја рака, туку тоа го прават по нечиј налог. По налог на оној кому му пречи пеењето на химната на Република Македонија и кому му пречи идејата „За заедничка Македонија“.

ВМРО-ДПМНЕ нема да дозволи ова лудило да продолжи. Ова незаконие мора да запре. Граѓаните и искрените патриоти не смее да бидат казнувани за љубов кон сопствената држава. ВМРО-ДПМНЕ останува на барикадите со народот се до враќањето на правната држава и демократијата во Република Македонија.

ВМРО-ДПМНЕ денес ќе изврши блокирање на следните крстосници во период од 15 - 17 часот:

- Крстосницата кај Мавровка;

- Крстосницата помеѓу улиците Васил Чакаларов и Ангел Динев во Карпош;

- Крстосницата кај „Рампа“ во населбата Кисела Вода.

Воедно ВМРО-ДПМНЕ ќе организира протест и пред Основниот суд Скопје 1 - Скопје денес во 18 часот, каде ќе има повеќе обраќања пред присутните.