Македонија
29. јуни 2017 - 13:33

ВМРО-ДПМНЕ бара да се донесе правилник за хемиска кастрација на педофили

ВМРО-ДПМНЕ денеска побара од Министерството за правда итно и неодложно да се донесе правилник за хемиска кастрација на педофили.

- Ова е неопходно да се случи што поскоро бидејќи гледаме дека преку скандалозни написи во јавноста почнува да се турка релативизирање и  оправдување на овој гнасен и подол чин. СДС и институциите молчат по скандалозната колумна на учесникот во шарената револуција Никола Шиндре со која се релативизира и оправдува педофилијата. Ова станува симптоматично бидејќи во исто време квазиекспертите на СДС почнаа да ги оправдуваат ставовите на Шиндре за педофилијата, а од друга страна беше избришан јавно достапниот регитар на педофили, изјави пред Министерството за правда Невенка Стаменковска од ВМРО-ДПМНЕ.

Таа изрази загриженост и повикува да престане индолентниот однос на институциите по ова прашање. 

- Сега кога се релативизира педофилијата како кривично дело е вистинскиот момент Министерството за правда да донесе правилник за формата, содржината и начинот на водење евиденција за осудено лице на кое му е изречена мерка медицинско фармаколошко лекување, познат како правилник за хемиска кастрација која ќе се применува за лицата кои вторпат го сториле делото, рече Стаменковска.

Според неа, институциите мора да ги заштитат децата и доколку се донесе правилникот ќе ги одврати сторителите од вакви дела.