Македонија
3. August 2017 - 14:28

ВМРО-ДПМНЕ: Алаѓозовски незаконски и со партиски суд разрешува успешни директори

ВМРО-ДПМНЕ обвини дека министерот за култура Роберт Алаѓозовски незаконски и со партиски суд разрешува луѓе зашто проценил дека тие биле блиски до лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски.

- Се бркаат од работа успешни раководители на институции само затоа што Заев вети на своите гласачи дека кога ќе дојдат на власт ќе јадат живи луѓе и ќе вработуваат „од чистачка до директор“ партиски и невладини војници. И сите овие фрустрации на СДС ќе ги плаќаат граѓаните со стотици милиони денари од буџетот секоја година, изјави Милош Милошевски од ВМРО-ДПМНЕ пред Драмскиот театар-Скопје каде беше разрешен директорот Роберт Вељановски, а Сашо Тасевски назначаен за вршител на должност.

Според Милошевски, смената на Вељановски од раководната функција била неоснована, со партиски насоки и измислени причини во толкувањата на инспекцијата. 

- Вистинската причина се фрустрациите во СДС кои се излеваат најмногу во културата. Затоа на директорските позиции СДС става луѓе како Сашо Тасевски кои со години биле еден обичен алат во пропагандата на СДС... затоа што со години јавно сее омраза и поделби, а членовите и поддржувачите на ВМРО-ДПМНЕ ги нарекува платеници, убијци, рекетари и шверцери, додаде Милошевски.