Македонија
18. December 2017 - 9:44

Вмрежување на млади претприемачи од туризмот од Македонија и Бугарија

Шеесетина млади претприемачи од Североисточниот регион во Македонија и Ќустендилската област во Бугарија преку основање на мрежата СТЕПС ќе разменуваат идеи и ќе создаваат партнерства за заеднички иницијативи со цел да се промовираат нови туристички производи и потенцијални туристички локалитети.

Мрежата СТЕПС официјално беше промовирана на дводневната средба за вмрежување во Крива Паланка на настан што се одржа викендов во манастирскиот комплекс „Св.Јоаким Осоговски“.

- Преку СТЕПС мрежата, младите претприемачи заеднички ќе работат на привлекување нови туристи, спроведување на рекламни кампањи и промоција на туристичките услуги за развој на оваа дејност во регионот, но и како можност да се креираат нови биниси за младите и да се продуцираат работни места. Во рамки на проектот создадена е и веб платформа преку која ќе се развиваат партнерски иницијативи во областа на туризмот, а за таа цел изготвен е и список со потенцијални партнери, класифицирани по тип на активности и вид на интереси, велат од РЦС„Спектар“, кои го спроведуваат проектот „СТЕПС-поддршка на претприемништвото и популаризација на услугите во туризмот“.

На заедничката средба, од страна на експерти од Македонија и Бугарија, беа промовирани и добри практики во туристичкиот бизнис и успешни приказни од регионот кои треба да им послужат за мотивирање на младите претприемачи.

Поддршката за развојот на туризмот дадоа и од Министерството за локална самоуправа и општина Крива Паланка.

- Имаме многу успешни проекти од заедничката соработка во македонско-бугарскиот регион и ги поттикнуваме локалните организации и институции и понатаму активно да работат на заедничкиот развој на заедниците, истакна Вулнет Арифи, советник во Министерството за локална самоуправа.

Според градоначалникот на Крива Паланка, Борјанчо Мицевски, капацитетот на младите и експертите од областа на туризмот се неопходни за да се искористат големите туристички потенцијали на регионот, кои се уште не се доволно промовирани и развиени како туристички продукти. - Затоа, од големо значење се вакви пректи со кои се цели кон обезбедување на квалитетна и издржана туристичка понуда, истакна Мицевски.

Креирањето на СТЕПС мрежата е последната во низата проектни активности. Во изминатиот период во рамки на проектот направено е и истражување за туристичките продукти и услуги во прекуграничниот регион, акциски план за поттикнување на претприемништвото во областа на туризмот, спроведена е специјализирана обука на  млади претприемачи, создадена е on-line  платформа за бизнис консултации и за стартирачки компании во туристичкиот сектор.