Македонија
11. April 2017 - 13:46

Владина програма за пред јавноста, тиранска платформа за потписи од албанските партии

 
Таканаречената владина програма – за која Социјалдемократскиот сојуз тврди дека е единствената платформа за која може да се разговара, обидувајќи се на тој начин да го сврти вниманието од првичното прифаќање на условите во тиранската платформа, нема значење за албанскиот политички блок, на чија поддршка СДСМ се надева за евентуално формирање влада, пишува Дневник.
 
Со други зборови, оваа програма е само обид на СДСМ за манипулација со јавноста дека тиранската платформа не постои. Всушност, партијата предводена од Зоран Заев никогаш категорично не ги демантира јавните тврдења на функционери на ДУИ, „Алијансата за Албанците“ и Беса, повторени повеќепати, по промоцијата на владината програма, СДСМ ги прифатил сите точки од платформата изготвена во Тирана.
 
Дека т.н. владина програма нема вредност во овој формат, вчера за „Дневник“ индиректно потврди пратеникот од Беса, Африм Гаши. Во врска со вчерашната изјава на пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Илија Димовски дека тоа што „СДСМ го претстави како програма е замајување на јавноста, а оти основа за формирање на мнозинство е прифаќањето на тиранската платформа“, Гаши искоментира оти за Беса, т.н. владина програма е само рамка.
 
– Нашиот став е идентичен како и тогаш – ден откако СДСМ ја промовира. За нас е само рамка за која допрва треба да се разговара и да се проширува – рече Гаши.
 
Во прилог на тврдењето дека СДСМ се обидува да ја манипулира јавноста вртејќи го вниманието кон својата програма, оди и фактот што остана енигма што писмено му гарантира Заев на лидерот на ДУИ, Али Ахмети, пред да му ги даде потписите.
 
СДСМ с` уште ~ должи објаснување на јавноста какви пишани документи ~ даде на ДУИ на 11 февруари откако претходно Ахмети побара писмени гаранции од Заев во врска со црвените линии во платформата.
 
Додека Заев категорично не ја отфрли тиранската платформа како збир од услови наметнати од надвор, ниту шефот на државата Ѓорге Иванов нема да му го даде мандатот за состав на влада.
 
Во меѓуврeме пак, од СДСМ велат дека во овој момент нема да преземат ништо за да ги променат работите, туку ќе го чекаат мирното примопредавање на власта во нивни раце, во што безрезервно веруваат.
 
– Засега дебатата во Собранието добива подобар квалитет во споредба со претходната недела и пред тоа, затоа во овој момент не дискутираме за план Б, сега го чекаме мирното предавање на власта – ни рекоа вчера од СДСМ.
 
Мендух Тачи: Го поддржувам мнозинството од 67 пратеници
 
Вчера лидерот на ДПА, Мендух Тачи, изјави дека го смета за целосно легитимно мнозинството од 67 пратеници во Собрание. Kако што пренесоа албанските медиуми, според Тачи, „одлуките на Иванов и ова што го прави ВМРО-ДПМНЕ во Собранието претставуваат суспендирање на основите принципи на демократијата, директно газење на Уставот и законите“.
 
– Ние со гласовите што ги имаме освоено ќе го поддржиме мнозинството од 67 пратеници – изјави за „Лајм“, претседателот на ДПА, Мендух Тачи. Сакам да бидам јасен, овие два пратеника на ДПА се во легитимната 69 и секогаш ќе бидат. Доколку 67 пратеници направат влада, може да се случи некој да го бојкотира Собранието, но тоа нема да бидеме ние – порача Тачи.
 
Тој додаде и дека е можно да гласаат за Талат Џафери од ДУИ за иден претседател на Собранието.