Бизнис
29. January 2018 - 20:05

Владата нема план Б ако не се потпише анекс на договорот за изградба на автопатот Кичево-Охрид

Владата нема резервен план доколку пропаднат преговорите со кинеската фирма за автопатот Кичево Охрид. Надлежните се уште молчат за тоа колку пари дополнително треба да издвои државата за да го доврши. Министерот Сугарески повторно изјави дека пресметките не се готови и анекс на договорот за таа намена нема да има периодов. Само најави - дека ќе се потпише анекс за дополнителни 3 години за кои автопатот треба да се заврши.
 
- Наредниве денови ќе направиме конечен анекс на договорот кој преку предлог закон ќе дојде до Собрание. Доколку пратениците го одобрат анексот на договорот ќе продолжи изградбата.
 
Каква е економската моќ таква е инфраструктурата во државата велат инженерите по патишта. Но оттаму не сакаат да го коментираат квалитетот на проектите кои се реализираат низ змејава ниту пак сакаа да кажат како да се избегнат грешките.
 
Од Државни патишта велат дека поради затојот во реализацијата на автопатот Кичево Охрид ќе бидат попретпазливи при изработка на проектите за другите делници и постапките ќе траат подолго.
 
- Според проценките ќе бидат потребни околу 36 месеци за доизградба на автопатот Кичево - Охрид.  
 
- Наша цел, е вели, да го завршиме и ќе го завршиме, но да се потрудиме сите заедно да ги избегнеме проблемите што не тиштат со изградба на постоечките патишта од Коридорот - истакна Китанов.
 
Од март треба да почне изградбата на експресниот пат од Ранковце до Крива Паланка, а најдоцна за 4 години треба да биде готов делот до граничниот премин со Бугарија. Допрва ќе се проектира делницата од Гостивар до Кичево која ќе чини над 300 милиони евра кои државата треба да ги обезбеди.