Македонија
24. јуни 2017 - 17:21

Владата најавува отстранување на сите пречки за Супер купот во август

Во моментов нема технички можности за одржување на Суперкупот во Скопје, но Владата превзема итни чекори за отстранување на сите забелешки на УЕФА. Ова е ставот на генералниот секретар Драги Рашковски кој попладнево упати низа обвинувања кон ФФМ и Акционерското друштво за стопанисување со станбен и деловен простор. Тој посочи дека проблемите со кои се соочува Арената Филип 2 се технички, а не политички и се стари речиси 2 години.

- Владата го доби извештајот на 22 јуни и веднаш донесе заклучок со кој го задолжи Генералниот секретаријат да ги преземе сите потребни активности за да се исполната сите услови за Суперкупот да се одржи во Македонија. Се прашуваме што правела ФФМ седум дена и зошто навреме не го пратила извештајот и дали има искрени намери Суперкупот да се одржи во Скопје или ги прави работите да изгледаат покомплицирани за после тоа да се докажуваме чија била вината, рече Рашковски.

Некомплетен план за евентуална евакуација на стадионот, недовршена климатизација, недостаток на паркиралиште за репортажни возила, инфраструктура за интернет мрежа како и документ за моќноста на системот за осветлување  се дел од забелешките за кои Владата убедува дека ќе бидат отстранети до 21 јули, два дена пред финалната контрола на УЕФА.

- Загубата ќе биде на цела Република Македонија, на хотелиерите, угостителските објекти, репутацијата на земјата, а не само на Владата. Ние сакаме да ја промовираме Република Македонија во најдобро светло и затоа и покрај сите сопки што се прават внатрешно од некои структури Суперкупот, сепак, ќе се одржи во Скопје, посочи Рашковски.

Според директорот на Акционерското друштво за станбен и деловен простор пак наведените технички пропусти не го доведуваат во прашање одржувањето на натпреварот помеѓу Манчестер Јунајтед и Реал Мадрид. Грозданов вчера потенцираше дека доколку Владата до понеделник обезбеди дополнителни 2 милиони евра, во следните 15 дена стадионот ќе биде подготвен согласно стандардите на УЕФА.