Македонија
14. December 2017 - 16:15

Владата на Заев пред поголема реконструкција - Села најверојатно парламентарна опозиција

Кабинетот на Заев пред мини реконструкција на 6 месеци по неговото формирање. Првото проветрување на Илинденска денеска го најави Министерот без ресор Самка Ибраимовски кој во интересна рокада си обезбеди уште еден пратенички мандат.

Ибраимовски си поднесе оставка во Владата и најави дека ќе се врати во парламентот и тоа на местото на пратеникот Васко Ковачевски кој си поднесе оставка од пратеничката функција и ќе оди да директорува со РЕК Битола.

Извори од Мала Речица за Сител велат дека ДУИ ќе ги задржи министерствата со кои и досега раководеше, а на Села му бил даден рок од  неколку дена да се изјасни дали ќе го прифати новото министерство за реформи или ќе си замине од Владата, бидејќи интегративците јасно му ставиле на знаење дека нема шанси да го задржи министерството за здравство. 

Како ќе се позиционира Села, од Алијансата не може да се добијат официјални информации. Неофицијално, партијата на екс градоначалникот на Струга веќе се гледа себе си во опозиција. Кој ќе го надополни местото на Села во владиното мнозинство се уште не се знае. Извори од ДУИ велат дека тоа нема да биде ниту ДПА ниту БЕСА и дека од СДСМ им најавиле дека очекуваат проширување на својата пратеничка група.

Од СДСМ потврдуваат дека се во преговори со двајца пратеници но не откриваат повеќе детали. Од Бихаќка не кријат дека во периодот кој следи ќе ја очекуваат и поддршката на БЕСА.

Според истите извори веќе е договорено СДСМ да го добие ресорот здравство, но како што велат од ДУИ, на Бихаќка имаат проблем да најдат кадар кој ќе се нафати за оваа позиција, иако во јавноста циркулира името на докторот Венко Филипче.

Двете партии од власта не откриваат дали ќе има кадровски промени во нивните ресори. Велат шансите за тоа се мали, но не треба да се исклучат.

Кога може да се очекува официјализирање на новиот владин состав не се открива. Од СДСМ веќе два месеци на ова прашање го даваат истиот одговор

Владата повеќе од два месеци работи без двајца министри, а фали и еден заменик, откако поранешните по победите на локалните избори заминаа во локалната власт.