Бизнис
23. January 2018 - 19:40

Владата ќе воведе социјална пензија - по 100 евра месечно и за лицата без 15 години стаж

Пензија ќе земаат и оние кои немаат 15 години стаж, но само ако немаат други приходи. Најверојатно износот ќе биде 40 отсто од просечната старосна пензија или близу 6 000 денари. Мерката ќе стартува најдоцна до 2020. Од Министерството за труд потврдија дека ги прибираат податоците и прават анализи за тоа колку граѓани постари од 65 години не го исполнуваат условот за пензиски стаж. По направените анализи во најкраток рок ќе достават предлог решение – да се воведе социјалната пензија.

- За реализација на оваа мерка потребна е анализа со која ќе се дефинира опфатот на граѓани и тоа, граѓани кои живеат на територија на Република Македонија имаат македонско државјанство и имаат живеалиште на територијата на државата. Исто така, целта е да се опфатат и граѓани кои веќе имале период на осигурување и определен период на работен стаж во Република Македонија, но тој стаж е под 15 години и немаат стаж на осигурување во друга држава со која Република Македонија применува договор за социјално осигурување или пак со странскиот пензиски стаж и македонскиот пензиски стаж не ги исполнува условите за старосна пензија. Анализата треба да покаже и колку македонски државјани со возраст над 65 години остваруваат некакви други приходи.

Но дали граѓаните ќе можат да одат во пензија и 5 години порано како што најави Владата во програмата? Од Министерството за труд денеска не добивме одговор, дали работат на ова законско решение и како ќе функционира во пракса.

Засега во однос на пензиите од она што го вети власта, исполнето е само усогласувањето кое се врши два пати годишно. Иако пензионерите бурно реагираа.  Со претходната власт добиваа линеарно зголемување од 600 денари. Со сегашното усогласување,   пред Нова година, дел од нив се пожалија дека пензиите им се намалени..