Македонија
14. February 2018 - 16:34

Владата ќе го продава мерцедесот за 400.000 евра поевтино од набавната цена

Владата ќе го продава Мерцедесот за да заборави на времето кога нерационално се трошеле народните пари. Владиниот портпарол денеска на прес конференција рече дека токму блиндираното возило кое Македонија го продава за скоро 400.000 евра помалку од сумата за која што го купи е симбол на расипничко трошење на средства од буџетот.

Бошњаковски не откри како Владата планира да го обезбедува транспортот на високите гости кои согласно протоколот треба да се возат во блиндирани автомобили кога ќе ја посетат Македонија. Не откри дали ќе се купува нов блиндиран автомобил или пак ќе се изнајмува по потреба но потврди, дека за оваа намена Владата нема испланирано средства во буџетот.

Во Македонија нема фирми кои изнајмуваат блиндирани автомобили, па добро упатените велат дека кога се јавува потреба за вакво возило, најчесто се ангажираат рент а кар агенции од соседна Бугарија или Србија. Од она што може да се добие како информација од таму, изнајмување на блиндиран автомобил кој ги задоволува стандардите кои ги бараат високите меѓународни претставници чини од 1000 евра дневно па нагоре, а дополнително, потребно е да се ангажира и возач, бидејќи овие автомобили согласно  безбедносните стандарди можат да ги возат само професионалци кои претходно поминале специјална обука.

Претходната Влада го купи блиндираниот Мерцедес за цена од околу 600.000 евра, што е пазарна вредност за еден автомобил со такви спецификации и претставува специјално возило од средна класа во ергелата на Мерцедес, каде може да се најде блиндирана лимузина чија вредност надминува милион евра.

Сега, Мерцедесот со поминати 85.000 ќе се продава на јавна аукција со почетна цена од 234.000 евра.

Со продажбата на овој автомобил Македонија ќе остане со само едно блиндирано возило произведено на крајот од минатиот век, додека Македонскиот премиер најверојатно и натаму ќе се вози во ноавата С класа која е речи си идентична како оваа што се продава, но не е блиндирана.

За набавката на блиндираниот Мерцедес СЈО води процес против екс премиерот Груевски и поранешната министерка Јанкулоска.