Бизнис
30. August 2017 - 16:50

Владата ќе ги објави договорите со странските компании - инвеститорите не биле информирани?

Кој склучувал договори со странските компании, колку договори се склучени и кој ги класифицирал договорите односно ги направил тајни? Ова се прашањата на кои јавноста ќе добие одговор во наредните седум дена. Синоќа Владата одлучи да ги декласифицира договорите со кои странските компании добиваат државна помош.

Од владата се децидни дека процесот на декласификација на тајните договори со странските инвеститори нема да влијае на нивната работа, тие ќе останат заштитени, а објавувањето на договорите ќе се изврши затоа што е од интерес на јавноста.

Сител контактираше со менаџерите на неколку странски компании во земјава. Сите велат дека ќе имаат став за неколку дена откако ќе се консултираат на корпоративно ниво. Со владини претставници претходно разговарале новите договори да бидат јавни, но за вчерашната одлука на Владата која се однесува на старите договори велат дека не се информирани.

Привлекувањето на странски инвеститори преку нудење посебни пакети со директна помош е праткика во целиот регион кој е во трка за нови компании кои ќе отвораат работни места. На пример, соседна Србија годишно располага со буџет од околу 70 милиони евра за оваа намена.