Македонија
26. July 2017 - 19:51

Владата го овласти премиерот Зоран Заев да го потпише договорот за добрососедство со Бугарија

Пет ден пред потпишувањето, Владата го објави Договорот за добрососедство со Бугарија. Преку 14 члена двете земји го регулираат начинот на унапредување на соработката во културата, образованието, здравството, социјалната грижа и пријателството.

Членот 8 од договорот, предвидува формирање на Заедничка експертска комисија за историски и образовни прашања, која ќе придонесе за објективно толкување на историските настани.

Македонија и Бугарија ќе организираат заеднички чествувања на заеднички историски настани и личности. Бугарија силно го поддржува членството на Македонија во НАТО и ЕУ и ќе го сподели своето искуство за исполнување на неопходните критериуми. Ќе се прошируваат и усовршуваат транспортните врски и комуникациите во рамки на регионалните инфраструктурни проекти.

Со договорот Македонија се обврзува дека ништо од нејзиниот УСтав не може и не треба да се толкува како основа за мешање во внатрешните работи на Бугарија, со цел заштита на статусот и правата на лица кои не се македонски државјани, додека истито член предвидува дека двете држави имаат право да ги заштитуваат правата и интересите на своите државјави на територијата на другата држава согласно меѓународното право.

 Според Премиерот Заев овој договор е во согласност со националните интереси, но без конкретен одговор, дали овој договор ги заштитува македонскиот јазик и малцинство.

За ВМРО-ДПМНЕ и Коалиција за подобра Македонија, договорот за добрососедство со Бугарија во ваква форма е штетен и неговата примена ќе и нанесе непоправливи штети на иднината на земјава. И денеска побараа итна јавна собраниска седница, бидејќи велат дека на Македонија не и потребна втора времена спогодба.

Според најавите договорот за добрососедство ќе биде потпишан на 1 август во Скопје, кога се очекува да пристигне и официјална владина делегација на Бугарија. Неговата примена ќе стартува по ратификацијата во македонското и бугарското собрание.