Македонија
22. January 2018 - 16:27

Владата ги разгледува предлозите на Нимиц- Ќе има ли консултации со Иванов и Мицковски?

Пакетот со предлог-идеи кои медијаторот Нимиц им го достави на преговарачите Наумовски и Василакис веќе се разгледува од страна на владата.
 
Од владината прес служба велат дека во процесот ќе бидат вклучени повеќе фактори:
 
,,Владата на Република Македонија веќе работи на анализата и консултациите во однос на рамката доставена од медијаторот Метју Нимиц. Во наредниов период ќе вложиме напори за што е можно поинклузивен процес со вклученост на сите релевантни политички фактори во земјава, а се во насока на градење заеднички приод, став и стратегија‘‘, соопшти владата.
 
Од друга страна од кабинетот на Претседателот на државата велат дека никој од владата досега ниту го консултирал Иванов, ниту закажал средба за анализа на последниот предлог од посредникот.
 
Оттаму, се уште не е јасно дали премиерот Заев ќе оди во Давос на првата средба со премиерот Ципрас, за која аналитичарите велат дека е клучна за решавање на спорот за името, со национално изградена позиција.
 
Во меѓувреме и грчката државна телевизија, објави дека медијаторот Нимиц во следните десет дена планира да  ги посети Атина и Скопје, за да ги слушне ставовите по неговиот предлог.
 
ЕРТ и грчките медиуми пренесуваат дека посредникот, во интервјуто за Сител, оценил дека предлозите се општоприфатливи за двете земји, и го гарантираат националниот идентитет на македонските граѓани.
 
И додека грчката влада, предводена од Сириза и опозициската Неа демократија меѓусебно се обвинуваат за предавство на националните интереси, поранешниот шеф на грчката дипломатија Теодорос Пангалос, кој во 1999-та среде Скопје, македонското малцинство во Грција го нарече ,,група хомосексуалци‘‘, сега смета дека реакциите кај Грците од типот ,,името Македонија не смее да се даде‘‘, доаѓаат од искомплексирани и сомнителни типови и кругови.
 
Во интервју за телевизијата Скај, Пангалос изјави дека уште во 1992-ра го предупредил, креаторот на спорот за името, Андонис Самарас на погрешната политика уште што ја води.
 
,,Скопје нека се вика ако сака и Атина или Спарта, нека се викаат како сакаат, му кажав на Самарас во 1992 година‘‘, изјави Пангалос.
 
Пангалос како правилна ја оценува позицијата на шефот на македонската дипломатија Никола Димитров дека терминот Македонија не е ничија ексклузивна сопственост и дека треба да е чест што може да се копира Александар Велики.