Македонија
17. January 2018 - 20:54

Влада: Со Законот за јазици добиваат сите граѓани и Македонија

Реакција по повод одлуката на Претседателот Иванов да не го потпише указот за Законот за употреба на јазиците: Ако некој граѓанин има право да зборува на својот мајчин јазик, со тоа добиваат сите граѓани, а добива и Република

Македонија Владата на Република Македонија изразува жалење за одлуката на Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов да не го потпише указот за Законот за употреба на јазиците.

Во оваа прилика сакаме уште еднаш да нагласиме дека сите одредби во законското решение за употребата на јазиците се во согласност со амандманот 5 од Уставот на Република Македонија. 

Со Законот ја унапредуваме употребата на јазиците на сите заедници во Република Македонија. Мотивот за донесување на овој закон е грижата за сите граѓани во Република Македонија, во која градиме општество еднакво за сите. Тое е концепт во кој оваа влада силно верува силно и кој ќе продолжиме и понатаму да го унапредуваме.

Со Законот ќе се прошири употребата на службениот јазик што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните, што значи дека Законот, согласно ова, ја проширува употребата на јазиците во институциите и ќе овозможи на граѓаните да комуницираат со државните институции на својот мајчин јазик.

Владата на РМ се определи за политики што ја градат Република Македонија како граѓанска држава на сите кои живеат во неа: Македонци, Албанци, Турци, Срби, Власи, Роми, Бошњаци и сите други заедници. Јазичните политики ќе се сообразуваат според потребите на граѓаните од сите етнички заедници. 

Особено значајно, овој закон целосно ја гарантира соодветната употреба на македонскиот јазик и на другите јазици кои се во службена употреба во одредени единици на локална самоуправа - турски, ромски, српски, влашки и бошњачки.

Владата на Република Македонија со ова овозможува сите граѓани полесно и поефикасно да ги остварат своите уставни права. Законот беше донесен соодветно на предвидените процедури во Собранието на РМ. Опозицијата ги имаше сите можности амандмански да учествува во усовршувањето на законот.

Опозицијата сама донесе одлука да не учествува во политичкиот процес на донесување на Законот за употреба на јазиците. Неучеството не ја исклучува политичката одговорност.

Законот за употреба на јазиците не го доведува во прашање унитарниот карактер на Македонија, ниту, пак, употребата на македонскиот јазик и неговото кирилско писмо кои и понатаму остануваат единствени официјални службен јазик и писмо на целата територија на Република Македонија и во нејзините меѓународни односи, одбраната, централната полиција и монетарната политика.

Законот ќе биде испратен на мислење во Венецијанската комисија и сите нивни забелешки ќе бидат вградени во текстот на овој закон. Ова е гаранција дека законот не предвидува ништо спротивно од европските стандарди за употреба на јазиците на етничките заедници.

Ако некој граѓанин има право да зборува на својот мајчин јазик, со тоа не губат другите граѓани, а добива Република Македонија, како граѓанска и демократска држава.