Балкан
21. February 2017 - 10:19

„Визија за Словенија 2050” – Словенците ќе бидат среќни и креативни

Фена - Сараево

Словенците ќе бидат среќни, креативни, нема да се расправаат за партизаните и домобраните и ќе возат електрични автомобили до 2050 година.

Документот под името „Визија за Словенија до 2050 година” што по нарачка на словенечката Влада го изработија активисти на граѓанските здруженија и креативни претприемачи, претставува целина на мислења и желби на граѓаните во какво општество би сакале да живеат во иднина.

Сепак, тој доживеа многу критики за само неколку дена од објавувањето, а на социјалните мрежи беше проследен со многу сарказам поради утопиското занемарување на актуелните општествени факти.

- Словенците во 2050 година живеат во склад со природата и времето, квалитетно и среќно, со постојаното учење ќе се справуваат со најголемите предизвици, ќе бидат иновативни и идеите ќе ги претвораат во реалност. Ќе бидат отворени и подготвени за соработка со партнерите, ќе градат солидарно и толерантно општество, како и богата глобална мрежа со својот единствен културен идентитет, се некои поставки на почетокот на документот „Визија за 2050”.

Предвидувањата за животот во иднината, претставени во неколку страници, треба да и послужат на Владата за довршување на програмата за стратешкиот развој на државата и да подготват следни документи, но некои веќе ја „закопаа” како целосно промашена и далеку од реалноста.

Таквите се прашуваат колку во сегашните турбулентни времиња вреди да се бавиме со тоа што ќе биде или нема да биде по две до три генерации и вреди ли во далечна иднина преку таква „утопија” да се проектираат сопствените желби за идеално општество.

Во „Визијата за 2050“ се наведува на пример дека Словенците за две генерации нема да се бават со идеолошки расправи и да ги делат потомците на домобрани и партизани, како што сега се случува, туку ќе бидат посветени на продуктивни расправи.

Исто така се наведува дека до 2050 година целата словенечка државна управа ќе се вози со електрични автомобили, а Словенија ќе има успешно стопанство, темелено на дигитална економија, кружење и рециклирање на суровините и на „зелени” технологии, иновативно и профитабилно.

Секако, здравството ќе биде јавно и на сите достапно, ќе се почитуваат законите и човековите права, социјалните разлики ќе бидат мали, судските процеси ќе завршуваат брзо и праведно, а во земјата поради нејзината успешност и поволните услови за живот ќе дојде странскиот капитал, успешни глобални компании и претприемачи.

Секако дека сегашната состојба не е таква, забележува научникот Жига Турк, кој во една од десните влади беше министер за наука и образование. Тој на својот блог напиша дека „веројатно по грешка” бил поканет на еден состанок за подготовка на „визијата” и дека системот на работа целосно го изненадил.

Во подготовката на документот вели тој, учествувале повеќе активисти од невладините здруженија кои се залагаат за отворено општество, но немало угледни интелектуалци и претприемачи кои би дале примес за реалноста во тој документ.

Турк се зачудил што подготовките за „Визијата” со својата модераторска улога ги поддржала Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД), а во настанувањето на документот не гледа голема смисла бидејќи се работи за утопија, која според него, ја занемарува реалноста и вистинските можности за развој на општеството, стопанството и политичките односи.

Кај критичарите на документот се појавија и прашања за трошоците, бидејќи неговата изработка чинела 430.000 евра, поради што се слушаат шеги колку ли ќе чини целокупната стратегија, ако за кратка визија се дадени речиси половина милион евра.

Некои во оваа прилика се сетија и на покојниот претседател Јанез Дрновшек, кој на критиките дека е безидеен прагматичар без визија, одговари дека токму политичарите со големи визии му донесоа најголеми несреќи на светот.