Македонија
13. February 2018 - 16:22

Вирозата и аерозагадувањето ја преполнија детската болница Козле

Вирозите и аерозагадувањето постојано ја полнат болницата во Козле со болни деца. Секој ден лекарите прегледуваат по над 100 пациенти, а во моментот хоспитализирани се околу 90 деца со посериозни компликации. Толкав е и капацитетот на Установата.

- Најчесто хоспитализирани се деца со компликации кога станува збор за пневмонии, тешко респираторни инфекции кога децата имаат глад за воздух или со ларингитични состојби, за која треба да се особено внимание, изјави д-р Анѓелчо Андоновски, директор на Детската болница Козле.

Градоначалникот на Скопје признава дека загадениот воздух ги полни Клиниките и болниците. Очигледно краткорочните мерки на градот за намалување на загадувањето не даваат ефект, па Шилегов се надева дека со гасификацијата ќе го ублажи овој сериозен проблем.

-Очекуваме годинава да започнеме со гасификацијата на градот во деловите кои не се опфатени со централното греење ќе ја зголемиме и енергетската ефикасност на објектите кои се под Градот Скопје, изјави Петре Шилегов, градоначалник на Град Скопје.

Во меѓувреме постојано полна со пациенти е и Клиниката за детски болести каде од Нова година наваму речиси и да нема слободен кревет, па стануваат мајки за да сместат болно дете. И не само педијатриските установи полни се и Пулмологија и останатите болници и клиники кои третираат пациенти со респираторни заболувања.