Свет
2. July 2016 - 14:34

Винс Кејбл: Во Велика Британија мора да има предвремени избори

Поранешниот британски министер Винс Кејбл изјави дека во Велика Британија ќе мора да се организираат предвремени парламентарни избори.

- По оставката на Дејвид Камерон и изборот на негов наследник, што ќе го направи владејачката партија на конзервативците, земјата ќе добие нов премиер, но тој ќе биде избран само од партиското членство на една партија, а не од британските гласачи, објаснува Кејбл.

Тој верува дека наследникот на Камерон ќе сака да обезеди свој мандат, а не само да го отслужи, оној што го има освоено актуелниот премиер, на изборите во мај минатата година.

-За да дојде до тоа, новоименуваат премиер ќе мора да закаже предвремени избори, што е ризик затоа што може да се случи и да загуби, но е демократски исправно, смета Кејбл.

Винс Кејбл е поранешен банкар во лондонскиот финански центар Сити, а во коалиционата влада на Камерон, со тогашниот лидер на либерал-демократите Ник Клег, беше министер за бизнис.

Изборот на наследник на Камерон ќе се изврши во септември, а новиот партиски лидер и премиер ќе се промовира во почетокот на октомври, на есенската конференција на Конзервативната партија.

Победникот на партиските избори, од тогаш ќе почне да го отслужува мандатот на Камерон, што трае до мај 2020 година.

Новиот премиер нема законска обврска да организира парламентарни избори и може да остане во Даунинг стрит 10 и без да побара од гласачите свој мандат.

Во 1990 година, кога со партиски пуч Маргарет Тачер беше сменета од премиерската функција, нејзиниот наследник Џон Мејџор две години ја водеше владата продолжувајќи го нејзиот мандат.

Во 1992 година тој сепак закажа предвремени избори, на кои успеа да победи и да го добие правото на свој, петгодишен мандат, што траеше до мај 1997 година, кога на редовните избори, беше поразен од лабуристите и Тони Блер.

Слична ситуација се создаде и кога Блер во 2007 година се повлече, а на неговото место дојде Гордон Браун.

Тој меѓутоа, не ја следеше постапката на Мејџор и остана премиер кој управува со владата без да биде избран од гласачите. На следните избори во 2010 година Браун загуби од Камерон.

Во трите премиерски години, Браун беше постојано повикуван од опозицијата и медиумите, да се појави на избори, за да се избори за мандат од Британците за функцијата што ја доби од своте лабуристи, по повлекувањето на неговиот претходник, Тони Блер.

Ниту еден од петемината номинирани конзервативци за наследник на Камерон не навестуваат дека ќе организираат предвремени избори.