Македонија
18. February 2018 - 17:25

То Вима: Атина не гледа негативно на постепена примена на „ерга омнес“ за името

Постепената примена на ерга омнес во комбинација со промена на уставот останува клуч за решение, пишува грчкиот весник То Вима во својата анализа на преговорите за спорот за името.

– Клучна точка останува комбинацијата на постепена примена на ерга омнес со промените во скопскиот Устав, што ги бара грчката страна. Не е јасно колкав напредок е постигнат во оваа точка, но од постоечките информации, Атина не е негативно настроена во однос на тоа да му даде „грејс период“ на Скопје за да го смени внатрешното име. Нормално, ќе треба да се договори точната формула според која ова ќе се направи, но и временскиот периодот (на пр. 1 година). – пишува весникот „То Вима“ и додава дека Република Македонија Скопје и Република Нова Македонија се имиња за кои веќе не се разговара.

Во меѓувреме министрите во владата на Ципрас во континуитет излегуваат со поддршка за премиерот во спорот за името. Последна беше министерката за административна реконструкција која истакна дека однесувањето на владата е разумно и одговорно.

Ваквата стратегија на грчката влада за експертите е очекувана особено ако се знае чувствителноста на грчката јавност која во последните неколку недели во два наврати излезе на масовни протести во Солун и Атина.
За разлика од Грција, македонската влада се чини го нема тој проблем. Освен помали граѓански протести, до сега немаше поорганизирано изразување на револт на граѓаните, а помасовен протест се најавува за 27 февруари во центарот на Скопје. Во меѓувреме, дебатата во Македонија се води преку медиумите и на социјалните мрежи, а група од 200 македонски интелектуалци вчера испратија и отворено писмо во кое се бара итно прекинување на преговорите.