Балкан
10. May 2017 - 16:39

Вилијам Вокер го бранува регионот со ангажманот за Голема Албанија

Изјавата на поранешниот шеф на мисијата на ОБСЕ на Косово, вилијам Вокер дека работи на проект со кој ќе се материјализираат претходните напори за независно Косово, во Голема Албанија, предизвикува бурни реакции во регионот.

Според дипломатски извори од МНР, анахроната реторика на г-динот Вокер, не е содветна за актуелната реалност во регионот, ниту за неговата позиција. Историјата на Балканот, немилосрдно поучува, дека поттикнувањето на етнички чисти проекти, држави и општества никогаш не била победничка варијанта, особено не во земји каде што мултиетничкиот соживот е традиционална вредност и цивилизациска одлика. Граѓаните на Македонија, остануваат обединети и единствени во идејата – земјата да се интегрира во Европската унија.

Според новоизбраниот српски Претседател и актуелен Премиер Александар Вучиќ, целиот свет сега има докази дека Вилијам Вокер, главниот виновник за бомбардирањето на Сојузна Република Југославија во 1999 година и тогаш и сега работи на проектот Голема Албанија,.

Вучиќ најави дипломатска офанзива за уверување на сите земји дека големоалбанската идеја не е само на хартија.

И вицепремиерката за евроинтеграции Јадранка Јоксимовиќ најави дека Србија ќе се обрати до ОН поради изјавата Вокер. Според неа, тоа не е само српски проблем, туку има и многу поширок контекст.

Официјален Белград смета дека со признанието на Вокер сега Белград има добри аргументи и за преговорите со Европската унија и за тие со Косово.