Свет
6. April 2016 - 21:18

Викиликс: Владата на САД го финансирала скандалот со Панамските документи со помош на Сорос

Претставници на „Викиликс“ тврдат дека Владата на САД го финансирала скандалот предизвикан од објавувањето на документите на компанијата „Мосак Фонсека“ за учество на светските лидери во незаконските оф шор малверзации.

Порталот „Викиликс“ што објавува тајни документи, соопшти на својот налог на твитер дека скандалот го организира американскиот Центар за истражување на корупцијата и организираниот криминал, во соработка со Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД) и Фондот на Сорос.

- Нападот врз Путин го организирал Центарот за истражување и корупција на организираниот криминал. Нападот е насочен на Русија и поранешните држави на СССР, се наведува во соопштението.

„Викиликс“ тврди дека финансирањето на панамскиот скандал не било дури ни индиректно, спроведено е директно од страна на Владата на САД, според тоа, тој факт не може, а да не влијае на репутацијата на Белата куќа.

Како што се наведува на сајтот, Центарот за истражување на корупцијата и организираниот криминал, официјално е регистриран под името Асоцијација на развој на новинарството во американската држава Мериленд.

Во состав на Центарот влегуваат и низа организации од Источна Европа и поранешен СССР.

Проектот на Центарот добивал, и продолжува да добива помош од Фондот за демократија на ОН, Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД) и институтот „Отворено општество“.