Македонија
25. May 2017 - 15:14

Викендов искачување на Титов Врв

Планинарскиот клуб „Љуботен“ од Тетово по 36-ти пат претстојниов викенд ќе го организира традиционалното искачување „Титов Врв“.

Како што информираа од планинарскиот клуб на денешната прес-конференција во Тетово, настанот што традиционално се организира последниот викенд во мај е дел од прославата по повод „Денот на Европа“, организирана од Канцеларијата на ЕУ во Скопје, а годинашното мото на искачувањето е Планинскиот цвет и пластичниот смет не одат заедно! Да ја зачуваме животната средина за поздрава иднина!.

Според досегашните најави, организаторите очекуваат на највисокиот врв на Шар Планина Титов Врв со надморска висичина од 2.747 метри да се искачат над 800 планинари од Македонија, Србија, Косово, Босна и Херцеговина, Албанија, Хрватска и Словенија.

Активностите започнуваат во сабота кога на Попова Шапка се очекува да пристигнат најголем дел од пријавените гости додека свеченото отворање на меѓународната планинарска манифестација Титов Врв 2017 се закажано за 19 часот во хотелот Славија. Истата вечер ќе се одржи и состанокот со водачите на екипите за детално објаснување околу условите за искачување. Тоа ќе се рализира во недела со почеток од 6 часот и 30 минути кога колоната треба да тргне од пред платото на хотелот Попова Шапка кон врвот. 

- Како и секоја година традиционално искачувањето оди по Вакуфска патека што едолга 14 километри со висинска разлика од 1.047 метри. Вообичаено искачувањето на сите планинари трае околу 4 часа. Многу е важно од безбедносен аспект да се почитуваат мерките на организаторите и движењето да оди по оваа предвидена патека, а не по другите кои исто така водат до Титов Врв. Тој е достапен за искачување во секој дел од годината, но на овој датум ние сакаме тоа да биде според предвидената програма. На три места по оваа патека ќе има три пункта на Вакуф, на Снежниот јазик и по самиот врв. Обезбедена е спасителна служба, медицинска екипа, а имаме и контак со Центарот за управување со кризи доколку е потребно да се ангажира хеликопетер. Ние како организатори секако ќе реагираме на каков било проблем и за планинарите што нема да бидат на поосчената патека но се разбира тоа нема да можеме да го направиме веднаш и токму затоа е потребо сите да се придржуваат до нашите препораки, изјави претседателот на ПК Љуботен Јован Божииновски.

ПК Љуботен е формиран во 1925 година и е најстар активен планинарски клуб во Македонија. Во досегашните 35 изданија на оваа манифестација околу 23 илјади планинари од Македонија и странство се искачиле на Титов Врв.