Македонија
3. October 2017 - 8:55

Вицепремиерот Османи во посета на Косово

Заменик претседателот на Владата на Македонија задолжен за евроинтеграции, Бујар Османи, денеска ќе престојува во еднодневна работна посета на Косово, во рамки на која ќе има средби со косовскиот државен врв.

Како што соопшти СЕП, Османи прво ќе се сретне со претседателот на Косово, Хашим Тачи, потоа со претседателот на Собранието Кадри Вејсели, како и со премиерот Рамуш Харадинај. Предвидена е и средба на Османи со вицепремиерот и министер за надворешни работи на Косово, Беџет Пацоли.

- На средбите ќе бидат отворени прашањата за меѓусебната соработка меѓу Република Македонија и Република Косово, регионалните инцијативи за соработка, како и европските перспективи на земјите од Западниот Балкан, се наведува во соопштението.

Европските перспективи на земјите од Западниот Балкан до 2025 година ќе бидат тема и на обраќањето на вицепремиерот Османи пред студентите на Универзитетот за бизнис и технологија (УБТ) во Приштина.

Според СЕП, домаќин на Османи ќе биде вицепремиерот Енвер Хоџај, со кого е предвидена и заедничка прес-конференција.