Македонија
5. October 2016 - 16:17

Вицепремиерот и МНР Никола Попоски на Конференција за Авганистан во Брисел

Македонија придонесува за обезбедување на мирот и безбедноста во Авганистан преку воено присуство од 2002 година, но и со обука и финансиска помош, со што пресметано според бројот на жители е една од најголемите што една држава ја дава на оваа држава. Ова е потврдено на денешната конференција за Авганистан, што се одржа под мотото „Партнерство за просперитет и мир“ што се одржа во зградата „Јустус Липсиус“ на Европскиот совет во Брисел, на која меѓу високите делегации на 75 земји од светот и 25 меѓународни организации, во име на македонската држава присуствуваше и вицепремиерот и министер за надворешни работи, Никола Попоски.
 
- Ова е значајна конференција во однос на прашањето во Авганистан. Затоа имаме и 75 земји и 25 меѓународни организации што учествуваат на оваа конференција. А, важна е затоа што Македонија од 2002 година придонесува кон градење на мир и стабилност во Авганистан, во операција што се уште трае. Дополнително, сериозна сума на средства се инвестирани, како преку мировните операции, така и преку придонесите што Македонија ги дава, а кои и во моментов траат, за остварување на таа цел за стабилизирање и овозможување на демократски развој во Авганистан - изјави вицепремиерот Попоски во изјава за МИА.
           
Освен со „чизма на терен“ преку военото присуство со своите партнери, Македонија во Авганистан помага и финансиски и тоа како што денеска беше соопштено на бриселската конференција изнесува околу два милиони евра годишно. Она што пак американскиот државен секретар Џон Кери, Високата претставничка за безбедност и надворешна политика на Еворпската унија, Федерика Могерини, Борис Џонсон (Велика Британија) и останатите претставници на светските сили го ветија денеска во Брисел е помош од околу две милијарди евра, што е можно да се зголеми двојно повеќе до 2020 година, кога се очекува да се крене авганистанската држава и економија на нозе, па да престане и военото присуство на странските сили во земјата.
 
А, покрај финансиската помош за Авганистан, денеска шефовите на дипломатиите на 75 светски земји, меѓу кои и македонскиот вицепремиер, се договорија и за целосно враќање на авганистанските мигранти, кои се втори по број во милионскиот мигрантски бран што изминатите две години ја заплисна Европа. Според Попоски, ова и за македонската држава е многу важно.
 
- Во однос на мигрантското прашање, тука е постигнат договор за реадмисија, односно враќање на мигрантите од Авганистан што се дојдени од економска природа во Европа. Овој договор мора да се однесува и на земјите што овозможија да се зачува Шенген-зоната во однос на мигрантското прашање кога беше најкритично. Ќе се помогне и за сите граѓани на Авганистан што во моментов се заглавени некаде на мигрантската рута што почнува од Грција и завршува во северно-европските држави, а воедно и ќе биде сериозна порака за обесхрабрување на поголемиот број на економски мигранти што во континуитет доаѓаат од Авганистан кон западно-европските земји – вели вицепремиерот Попоски.