Македонија
25. January 2017 - 20:47

Вицепремиерот Адеми на регионална конференција „Пристапни реформи за Западен Балкан“

Заменик-претседателот на Владата за европски прашања Арбр Адеми денеска учествуваше на втората регионална конференција насловена „Извештаи на ЕК за земјите- Пристапни реформи за Западен Балкан“ во Подгорица.

Од Кабинетот на заменик-претседателот на Владата за европски прашања, соопштија дека конференцијата претставува продолжение на иницијативата почната во Македонија во 2015 година. Целта на конференцијата, како што се наведува, е да се разменат искуства и предлози меѓу претставниците од земјите од регионот и Европската комисија за клучните елементи на пакетот за проширување.

- Проширувањето останува приоритет за Владата на Република Македонија додека извештаите на Европската комисија се главниот документ на кој што се базираат сите реформи кои треба да се спроведат, рекол Адеми.

Исто така, учесниците на конференцијата констатирале дека е важно да се потврди европската перспектива за регионот бидејќи тоа претставува главен поттик за спроведувањето на сите неопходни реформи.

Во однос на новата методологија која Европската комисија ја применува за оценка на подготвеноста на земјите во процесот на пристапување, вицепремиерот Адеми истакнал дека овој пристап им овозможува на двете страни, на земјите кандидати и на ЕК, да имаат подобар увид во степенот на подготвеност на секоја земја одделно како и на предизвиците.

На конференцијата се дискутирало и за Берлинскиот процес и агендата за поврзување на како механизам за инфраструктурно поврзување на земјите од регионот.

На рамките на престојот во Подгорица, Адеми остварил билатерална средба со министерот за европски прашања на Црна Гора, Александар Андрија Пејовиќ, на која се констатирале одличните односи меѓу двете држави и силниот интерес да продолжи и да се продлабочи соработката во делот на европски интеграции. Во овој контекст, особено било посочено позитивното искуство за соработка во рамките на заедничкиот комитет Македонија- Црна Гора.

Адеми се сретнал и со амбасадорот Микеле Џакомели, специјален претставник на Италија за Берлинскиот процес. За време на средбата се дискутирало за претстојните подготовки на Самитот кој ќе се одржи во Италија и се потенцирала важноста на овој процес за продлабочување на регионалната соработка.