Македонија
14. January 2018 - 17:02

Вевчанската традиција е жива и во Вашингтон

За големата заедница на Македонци кои живеат во Вашингтон и населените региони околу американската престолнина, празнувањето на Стара нова година со неизбежните василичарски маски и народни танци е настан за кој се бара влезница повеќе. 

Маскенбалот во чест на православниот празник Василица е главен настан во Вашингтон во јануари, јави дописникот на МИА. Угледниот „Вашингтон пост“, во 2014 го оцени маскенбалот како настан кој не смее да се пропушти.

Годинава, како и во сите изминати 10 изданија на маскенбалот, Македонци, претставници на дипломатскиот кор, меѓународни и владини службеници во Вашингтон, и многу други, околу стотина на број, славеа во маски и костуми на Бетмен, Квазимодо, Наполеон и други знајни и незнајни ликови.

Во својата воведна реч, домаќинот Мето Колоски, претседател на Обединета Македонска Дијаспора, клучната организација на Македонците на глобално ниво, им ја објасни на гостите бибилската приказна за почетоците на василичарската традиција.

- На своите соселани алчниот Каин им ги зел сите ценети монети. Но Василиј успеал да му го врати украденото на народот на тој начин што ги сокривал монетите во леб. Оттука доаѓа и именувањето на празникот и традицијта со кршење на лепчето со паричка, кажа Колоски.

Василица е еден од најзначајните македонски празници поврзан со византискиот император Св. Василиј Велики и чествувањето на Нова година според јулијански календар. Извориштето на оваа традиција стара 14 векови е во Вевчани, каде се одржува познатиот Вевчански карневал на кој учествуваат поединци и групи од цела Македонија и од странство, кои го слават празникот во маски и костуми со разни танци и василичарски игри.

Вашингтон Василица

Со маскенбалот на ОМД, вевчанската традиција живее во Вашингтон веќе цела деценија. За место на одржување на овогодишниот маскенбал организацијата овојпат избра викторијанска вила лоцирана во северозападнен Вашингтон, наместо обновеното седиште на амбасадата на Македонија близу до Висконсин авенија.

Главните спонзори на овогодишниот василичарски маскенбал во Вашингтон беа Стојан и Душанка Трајков од сојузната држава Мериленд, Македонци кои долги години живеат и работат во САД. Останати спонзори и промотори на настанот беа винарија Стоби, Балкански вински проект и Меѓународна професионална група.