Свет
22. February 2018 - 18:50

Венецуелската криптовалута „петро“ како одговор на финансиската блокада и санкциите

 Венецуела создаде сопствена криптовалута, со цел да најде начин да се извлече од кризата. Валутата „петро“ претставува одговор на венецуелските власти на финансиската блокада и санкциите и не станува збор за обична криптовалута, туку нејзината вредност зависи од државните резерви на нафта, злато, гас и дијаманти.

Претседателот на Венецуела, Николас Мадуро истакна дека на овој начин ќе се отворат нови можности за финансирање и помош на државата, во момент кога националната валута „боливар“ значително ја губи својата вредност поради економските санкции.

Венецуела својата криптовалута ја понуди на продажба, а моментно се достапни 82 милиона токени, кои Владата би можела да ги продаде следниот месец. Планот за продажба на валутата „петро“ се наоѓа на владината веб страница, кој е креиран специјално за оваа прилика, а цената на една единица ќе зависи од цената на еден барел венецуелска нафта.

Со планот на Мадуро за решавање на економската криза се очекува „петрото“ да влијае врз економијата на Венецуела и да стане алтернатива на националната валута.