Македонија
23. November 2016 - 14:37

Вељаноски: Заев сака менување на Уставот и федерализација

 Тоа што претседателот на СДСМ Зоран Заев го најави пред албанската дијаспора во Швајцарија е ставено во нивната програма. Ветувањето за излегувањето од рамките на Охридскиот договор, отворањето на прашањето за воведување на двојазичност и кантонизација по урнек на Швајцарија, се потврда за најавите на Заев дека сака да го менува Уставот и да го отпочне патот кон федерализација на државата.

Ова го истакна Трајко Вељановски од ВМРО-ДПМНЕ на денешната прес-конференција, посочувајќи дека таа потврда може да се прочита и во програмата на СДСМ.

СДСМ, рече Вељаноски, нуди отворање и редефинирање на организацијата на безбедносните структури, моделот на образованието, културната политика, образованието и локалната самоуправа, сите суштински елементи на Македонија каква што денес ја имаме. 

- СДСМ предвидува трансферирање на дел од надлежностите на полицијата околу одржувањето на јавниот ред и мир и сообраќајот од централната на локалната власт. Со други зборови формирање на локални полиции во Тетово, Гостивар, Дебар, Кичево, Струга, Липково или Арачиново. СДСМ предвидува реорганизација на локалната самоуправа или како што самите наведуваат на страна 164, цитирам: „Ќе воведеме политипни општини со различни надлежности, во зависност од големината и изградените капацитети и моќта да генерираат сопствени приходи, или со поделба на надлежностите на задолжителни и изборни“. Ова е веројатно територијалната реорганизација по урнек на Швајцарското кантонално уредување што го ветуваше Заев, посочи Вељаноски.

Сегашниот културен модел, според СДСМ, рече функционерот на ВМРО-ДПМНЕ, е етноцентричен.

- Затоа СДСМ на страна 188 во политичкиот памфлет пишуваат, цитирам: „Етноцентричната култура ги затвора вратите на нашите сограѓани од другите етнички заедници. Инсистирањето на промовирање на културните вредности само на една етничка заедница ќе доведе до нужна реакција и на другите етнички заедници. Нема да создаваме етноцентрична култура, затворена меѓу четирите ѕида на сопствената етничка припадност. Ќе создадеме решенија што пропорционално ќе ги штитат и ќе ги унапредуваат и другите јазици и традиции, а ќе дадеме поддршка на интеркултурните проекти и мултилингвалните практики.“

СДСМ, додаде Вељаноски, задира и во сегашниот модел на образование, нудејќи нов мултикултурен концепт. Опозициската партија предвидува децентрализирање и на социјалната заштита, управување со земјоделското земјиште, шумите, пасиштата.

- Скандалозно и опасно е за иднината на нашата земја. Граѓаните мора да го знаат ова и на 11 декември да одлучуваат меѓу унитарна и суверена Македонија или двојазична, кантонизирана и федерализирана Македонија, рече Вељаноски.