Македонија
7. April 2016 - 13:57

Вељаноски ќе ги распише изборите на 15 април

Претседателот на Собранието Трајко Вељаноски денеска соопшти дека ќе ги распише предвремените парламентарни избори на 15 април.

- Согласно одлуката за распуштање на Собранието на Република Македонија, јас како претседател на Собранието, водејќи се врз основа на уставните рамки за распишување на избори, одлучив Решението за распишување на предвремени парламентарни избори да го потпишам на 15 април, а изборите да се одржат на 5 јуни 2016 година, со единствена цел да се обезбедат услови за фер и демократски  избори, вели во писменото соопштение до медиумите Вељаноски.

Тој апелира до институциите и до политичките субјекти, да го дадат својот придонес за претстојните предвремени парламентарни избори да поминат во фер и демократска атмосфера со што, како што додава „уште еднаш ќе потврдиме дека ги почитуваме и споделуваме европските вредности“.

Собранието на Република Македонија синоќа се распушти согласно одлуката што ја изгласаа пратениците на 23 февруари, со цел одржување предвремени парламентарни избори на 5 јуни.