Македонија
25. July 2016 - 8:36

Вечерашниот концерт на „Скопско лето“ со гости од Италија

На „Скопско лето“ вечер ќе гостуваат флејтистката Франческа Салвемини и пијанистката Силвана Либардо од Италија кои во Музеј на Град Скопје ќе одржат концерт насловен  „Гласови на месечината“ (Voci di Luna). 

Концертот е организиран во соработка со „Интерфест“ Битола и на програмата ќе има композиции од Моцарт, Гершвин, Рота, Мориконе... 

Дуото „Voci di Luna“ е формирано во 1990 година и има одржано повеќе од 500 концерти во Италија и странство, со репертоар од барок до современа музика. Во 2007 тие снимиле ЦД со оригинални аранжмани на популарна музика на италијанската кинематографија.

Франческа Салвемини и Силвана Либардо имаат издадено музика за флејта и пијано, а одржуваат и мајсторски часови во Италија и надвор од земјата (САД, Јужна Америка).

Во 2015 ја одбележале 25-годишнината од уметничката соработка со посебен концерт одржан во сала на пристаништето во Бриндизи - родното место на Франческа.