Македонија
8. April 2016 - 14:29

Васил Атанасов со концерт ќе одбележи 40 години кариера

Македонскиот обоист Васил Атанасов со концерт насловен „Васил и пријателите“ ќе одбележи 40 години кариера. Концертот ќе се одржи в недела, од 20 часот, во Македонската опера и балет. 

Диригент на концертот е Андреј Андреев од Бугарија, а ќе настапат баритонот Борис Трајанов, сопранот Весна Гиновска Илкова, Александар Дојковиќ, тенор од Србија, Кохар Андонијан-харфа (Бугарија), Јагода Тренеска Цветичанин-пијано (Хрватска), Драган Даутовски, Ратко Даутовски, Кристина Атанасова-виолина, Томе Атанасов-обоа, Тодор Светиев-пијано, Катерина Гелебешева Костадиновска-пијано, Скопскиот дувачки квинтет и Камерниот оркестар Скопски солисти. 

Васил Атанасов на денешната прес-конференција рече дека е горд и задоволен од досега постигнатото.  

- Кога се прави една ретроспектива, гледам дека вредело да се работи и да се живее за музиката. Мојот пат или мојот живот беше музиката, потенцира Атанасов и изрази задоволство што на концертот ќе настапат и неговите деца, кои се дипломирани уметници. 

Тој потсети дека е прв обоист и солист на Македонска филхармонија. Како обоист во Филхармонија има отсвирено повеќе од 1.200 симфониски концерти, повеќе од 200 солистички концерти, стотина во странство. Има снимено повеќе од илјада минути музика за Македонското радио, повеќе од 65 настапи со Камерен оркестар, 220 камерни концерти...

Весна Гиновска Илкова, која на концертот ќе ја изведе Аве Марија од Качини, го окарактеризира Васил како голем уметник.  - На овој јубилеј уште еднаш ќе ја потврдиме соработката која трае долги години, од почетокот на мојата кариера, додека Васил беше директор на Македонската филхармонија, рече Гиновска Илкова.

Долгогодишниот соработник на Атанасов, Тодор Светиев рече дека Атанасов е уметник, вљубеник во музиката, ентузијаст и врвен професионалец. - Тој е активен како организатор и пропагатор на музиката и на се она што е квалитетно во Македонија, рече Светиев.

Љубиша Кировски, претседател на Сојузот на музички уметници на Македонија (СМУМ) информира дека на концертот на Атанасов ќе му биде доделена наградата „Златна лира“, највисоко признание што го доделуваат за животно дело. 

Васил Атанасов, кој има 59 години, во еден мандат беше директор на Македонската филхармонија. Добитник е на повеќе награди, меѓу кои „Млад борец“ за најуспешно годишно остварување на полето на културно-уметничка продукција, за изведба на Концертот за обоа и оркестар од Рихард Штарус (1984), Плакета од конкурсот „Енрико Карузо“, Италија (1998), член на жири, Златна лира, највисоко признание на СМУМ (1990).

Добитник е на наградата „13 Ноември“ што ја доделува Град Скопје за врвни дострели, наградата „Феникс“ на општина Центар (2003), за врвни достигнувања во музиката, Спомен-плакета за јубилеј 30 години уметничка дејност, од Македонската филхармонија (2006), Годишна награда на Струмица за особени остварувања во областа на музиката (2008), Грамота и златен медал на Министерството за култура на Република Бугарија (2012), за развој, популаризација и соработка на полето на културата...