Фудбал
14. October 2017 - 10:47

Вардар домаќин на Шкендија во дербито на ПМФЛ

 
 Втората фаза во фудбалскиот шампионат на Македонија, односно Првата лига ќе биде отворена со дерби дуелот меѓу шампионот Вардар и лидерот на табелата Шкендија. 
 
По репрезентативната пауза, денеска продолжуваат натпреварите во прволигашката конкуренција. На програмата се дуелите од 10.коло кое ја носи и пресметката меѓу Вардар и Шкендија. 
 
Натпреварот е прогласен за меч од визок ризик. Согласно договорот на двата клуба и МВР, присуство на гостински навивачи нема да биде дозволено. Исто така ќе се забрани влез на симпатизери на гостинската екипа на стадионот. Како што информираат од редовите на македонскиот првак, купувањето на влезница ќе биде овозможено единствено со покажување на документ за лична идентификација. На еден документ, може да се купи една влезница. Билетарницата ќе се затвори во 14 часот, односно 30 минути пред почетокот на натпреварот.  За дербито ќе бидат отворени само јужната и западната трибина, додека новинарските екипи ќе бидат сместени на северната трибина.
 
Дерби дуелот од оваа рунда, Вардар – Шкендија ќе се игра попладнево на Националната арена „Филип Втори“ во Скопје со почеток од 14 часот и 30 минути.
 
Во истиот термин е закажан и стартот на преостанатите четири средби во кои ќе се сретнат: Академија Пандев – Шкупи, Пелистер – Победа, Ренова – Работнички и Скопје – Силекс. 
 
 
          Табела:
  1. Шкендија 25 бодови,
  2. Вардар 16 (-2),
  3. Академија Пандев 14 (-1),
  4. Силекс 13,
  5. Шкупи 12,
  6. Пелистер 9,
  7. Победа 9,
  8. Работнички 7 (-1),
  9. Ренова 7 и   
  10. Скопје 4.