Македонија
16. May 2017 - 16:31

Вангеловски: Одлуката на Врховниот Суд за притворот на бизнисменот Сеад Кочан е исправна и извршна и мора да се почитува

Судија на претходна постапка денеска одлучува дали на бизнисменот Сеад Кочан ќе му одреди мерка притвор. Случајот е вратен во Кривичниот суд откако Врховните судии пред два дена одлучија дека претходните решенија за одредување притвор биле донесени со повреда на законските прописи.

Денеска претседателот на Врховниот Суд Јово Вангеловски на брифинг ја образложи одлуката потенцирајќи дека таа исправна, извршна и мора да се почитува.

- Со пресудата ние не го укинавме притворот, туку одлучивме по барањето за заштита на законитоста против решението со кое е определен притворот. Ние само ја оценивме законитоста на решението на пониските судови и најдовме дека барањето за заштита на законитоста поднесено од Републичкиот јавен обвинител е основано и врз основа на тоа донесовме пресуда, бидејќи имало повреда на законите, рече Вангеловски на денешната средба со новинарите.

Судијата на претходна постапка веќе еднаш одлучи дека не постојат основи за определување мерка притвор за Кочан. Но оваа одлука ја промени Кривичниот совет. Подоцна и Апелациониот суд одлучи да определи притвор за Кочан. Вангеловски денеска образложи дека Врховниот суд утврдил кршење на законот од страна на Кривичниот совет и апелациониот суд кои ценеле дека жалбата не го одложува извршувањето на одлуката. Вангелосвки смета дека Законот за кривична постапка го утврдува спротивното.

Првиот човек на највисокиот суд даде оценка дека Републичкото јавно обвинителство има законско правод а поднесува барања за заштита на законитоста и дека СЈО нема ингеренции да повлекува туѓо барање. Тој уште еднаш го повтори својот став дека прислушуваните разговори се само индиции а не и докази во кривичната постапка.

За случајот на Сеад Кочан кој е сопственик на телевизија НОВА, новинарите тврдеа дека е обид за вршење политички притисок врз телевизијата и повеќе пати протестираа пред Специјалното јавно обвинителство.