Свет
23. July 2017 - 12:52

Валенса: Партијата на власт ги става под контрола судовите во Полска

Поранешниот полски претседател Лех Валенса ја обвини владејачката десничарска и конзервативна партија Закон и правда дека сака да ги стави под своја контрола судовите и целиот правосуден систем во Полска.

- Долготрајниот полски марш кон демократија, поради сето ова, сега се наоѓа пред сериозна закана, истакна Валенса.

Изјавата на првиот демократски избран полски претседател и човекот кој со своето синдикално движење „Солидарност“ го забрза падот на комунизмот во оваа земја, но и во целиот поранешен комунистички и советски исток, доаѓа непосредно по одлуката на двата дома на полскиот Парламент,  да ги усвојат контроверзните судски реформи.

Стотина илјади демонстранти излегоа на протести во Варшава и во другите градови во Полска, барајќи од актуелниот претседател Анджеј Дуда да стави вето на усвоените закони.

Демонстрантите палеа свеќи пред зградата на Парламентот, симболично покажувајќи го нивното стравување за погребување на демократијата во Полска, земјата која во осумдесетите години на 20 век беше предводник на демократизацијата во Источна Европа.

Власта се обидува да ја смири ситуацијата објаснувајќи дека „кога ќе се смират страстите, луѓето ќе разберат дека реформата била потребна“ и тврдејќи дека со неа се елиминираат „остатоците од времето на комунизмот“.

Опозицијата како и демократските и либерални сили во земјата, меѓутоа, тврдат дека Владата на партијата Закон и правда  ја уништува досегашната независност на судовите, ставајќи го Врховниот суд под контрола на власта и на владејачката партија.

Не е првпат владејачката десничарска партија да се соочи со масовните протести на демократските сили. Партијата на Јарослав Качински предизвика силни протести и револт во Европа со неколкуте законски мерки означени како крајно конзервативни и спротивни на политиката на ЕУ, а потоа и со реформата на медиумите, со што беше задушена нивната слобода.

ЕУ двапати се закани со санкционирање на Полска доколку антиевропските закони стапат во сила, а САД побараа од Владата во Варшава да се воздржи од примената на контроверзните реформи.

Некогаш најпопуларниот полски политичар Валенса, поради острите критики кон власта,  сега се соочува со јавни дисквалификации од медиуми блиски на владеачката партија. Тие го обвинуваат  дека порано бил „комунистички доушник“ иако неколку спроведени истраги што ги покрена актуелната власт не открија дека Валенса навистина бил полициски доушник.