Македонија
17. February 2017 - 15:25

В понеделник пресудата по тужбата на Цветковски против СДСМ, Заев и Костовски

Адвокатите на тужителот Виктор Цветковски и на одбраната на тужените правното лице СДСМ, претседателот на СДСМ Зоран Заев и претседателот на општинската организација на СДСМ Мартин Костовски денеска во Основниот суд Куманово ги изнесоа завршните зборови по однос на приватната тужба на Цветковски за неовластено прислушкување и објавување на снимени тонски разговори. Судот ќе ја објави пресудата во понеделник.

Адвокатот на тужителот Ѕвонко Богдан побара судот да донесе казна за тужените, бидејќи како што рече никој нема право да снима, објавува пред непознати лица разговори кои неговиот клиент ги водел со поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска во периодот помеѓу двата круга на локалните избори во 2013, а потоа на прес-конференција да ги обајвува пред поголема група луѓе.

Тој рече дека во расправата се изнесени докази и оти во согласност со изјавите дадени на главната расправа на Дамјан Манчевски во својство на застапник на правното лице СДСМ и Зоран Заев го признале делото и рече дека не се покајале за стореното, во кое наведе се извршени две кривични дела во однос на член 151 од Кривичниот законик. Тој побара и материјално обештетување за клиентот и покривање на трошоците.

Тужителот Цветковски во изјавата рече дека очекува Судот да ги прогласи обвинетите за виновни и да бидат казнети согласно законот и дека нивната вина е докажана. Тој пред Судот, а потоа и во изјавата за медиумите, потенцираше дека Заев, СДСМ и Костовски од причина што сакаат да се пресметаат со политичките неистомисленици, како што рече со „арогантно“ изнесување на ставот на претседателот на СДСМ на главната расправа, дека Цветковски незаслужено бил поштеден од објавување дополнителни снимки и ја покажува, рече нивната подготвеност и умисла во пресметка со неистомислениците.

- Оваа тужба ја имам поведено со намера да ставиме крај на ваквите злоупотреби од поединци и да не дозволиме оваа пракса во Македонија да продолжи. Сепак се работи за земја која претендира да влезе во ЕУ, за тоа треба закон, почитување на основните човекови права, а за тоа, пред се треба политичарите да дадат пример, изјави Цветковски.

Адвокатот на тужените Мирослав Вујиќ побара ослободителна пресуда за тужените и дека во конкретниов случај не станува збор за кривично дело. Тој рече дека судот не смее да се претвори во ринг на политички пресметки.

Пред судот нагласи дека во целата расправа не се изнесени докази. Посочи дека во расправата не е докажано дека правото лице поседува посебна опрема, ниту пак е докажано дека прислушкувал. Додаде дека одлуките за објавување на разговорите ги донеле највисоките и сите органи на СДСМ во рамки на проектот „Вистината за Македонија“ кои, рече се во се во сфера на интерес на криминалите на власта и индициите кои произлегуваат од намерите на преставниците на гласачите кои се застапени опфатени во разговорот што е предмет на тужбата, опфатени во разговорот.

Вујиќ нагласи дека Цветковски е јавна личност, а не само адвокат и оти влече одреден број гласачи во средината, кои како што рече треба да се информираат како тој преговара со пораншената министерка како тој размислува за нивните гласови. Во изјавата за медиумите Вујиќ додаде дека онака како што е концеприрана тужбата не постојат никакви елемнти за кривично дело.

- Јас очекувам ослободителна пресуда и за мене тоа не е спорно, може само да се направи лоша пракса за во иднина и било кој да одговара. За ова кривично дело одговараат оние лица кои имаат одредени можности, по пат на специјална опрема снимаат, не се однесува на сите кои имаат телефони, туку на посебна опрема и сметам дека Обвинителството си ја води работава и веќе е на пат тоа да го реши, а не по вакви приватни тужби, изјави Вујиќ.