Македонија
19. September 2017 - 16:04

Утврден редоследот на партиите на гласачкото ливче за локалните избори на 15. октомври

19 политички партии и коалиции и уште 64 независни листи и кандидатури за градоначалници од групи избирачи ќе ја бараат довербата од граѓаните на локалните избори закажани за 15 октомври.

Гласачките ливчиња ќе почнуваат со листите и кандидатите на СДПМ, онаму каде што ќе ги имаат, а ќе завршуваат со СДСМ, кои на овие избори ќе стојат зад редниот број 19. Сите кандидатури и листи кои ќе се најдат зад СДСМ ќе бидат предложени од групи избирачи.

ВМРО-ДПМНЕ довербата од граѓаните ќе ја бара под редниот број 13. Под овој број ќе бидат сите листи и градоначалнички кандидатури на коалицијата За подобра Македонија освен во Теарце и Центар Жупа каде ВМРО-ДПМНЕ оди со самостојна листа која во овие две општини ќе го носи редниот број 7.

Од македонските политички партии ГРОМ ќе биде зад редниот број 12. Под оваа бројка во општина Карпош довербата од граѓаните ќе ја бара Стевчо Јакимовски, а под истиот реден број ќе биде и неговата советничка листа. Коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ во оваа општина ќе има своја советничка листа но не и кандидат за градоначалник.

Во албанскиот политички блок серија интересни коалиции. Во Собранието делуваат како да не можат да се поднесат но ДУИ, Алијансата и нивниот лут политички ривал БЕСА немаат проблем да бидат до заедничката коалиција за Битола и Охрид која го доби редниот број 4, а во заедничката коалиција за Гази Баба, ќе се најдат зад бројот 5.

Алијансата, Унитети и НДП ќе имаат заеднички настап во Гостивар под редниот број 2.

Во останатите општини меѓу кои и најинтересните за албанскиот електорат, Тетово, Гостивар и Кичево ДУИ ќе биде под редниот број 3, БЕСА 14, ДПА 15, а Алијансата за Албанците 9.

Согласно меѓу партискиот договор со СДСМ, албанските партии со исклучок на БЕСА нема да предложат кандидати за градоначалници на Скопје, а за возврат СДСМ нема да кандидира свои кадри во Чаир, Тетово, Гостивар и Кичево.
Кампањата за локалните избори почнува со стартот на идната недела, на 25 септември а ќе трае до два дена пред изборите, на 13 октомври кога ќе почне и изборниот молк.

Граѓаните на Скопје, на овие избори ќе добијат 4 гласачки личвиња, од кои по едно за градоначлник на Скопје и на својата општина и по едно за скопскиот градски совет и советот на општината во која живеат. Граѓаните од останатите градови на Македонија ќе добијат по две гласачки ливчиња.

Локалните избори за градоначалници се одржуваат во два круга, доколку во првиот еден од кандидатите не освои над 50% од вкупниот број на излезени гласачи. Вториот круг е закажан две недели по првиот на 29 октомври.