Македонија
29. May 2017 - 16:52

Утре започнува расправата за нова Влада - Гласање до среда на полноќ

Најдоцна до среда на полноќ Македонија ќе ја добие новата Влада. За утре во 11 часот Талат Џафери закажа собраниска седница со една точка на дневен ред- избор на новиот владин кабинет. Пратениците ја стартуваат расправата за составот и програмата за работа на новата Влада, само 35 часа откако мандатарот Зоран Заев го достави предлогот. Тој очекува да бидат запазени законските рокови и новата реформска Влада час поскоро да почне да ги спроведува предвидените реформи.

Седницата е закажана за утре, а рокот да се избере Влада е 48 часа и тоа значи дека до среда вечер треба да завршиме со изборот на Влада и тоа се максималните рокови. Веднаш по ова ќе се зафатиме со укинување на екстерното тестирање. Се надевам дека тоа ќе биде навремено завршено за да се испрати порака кон децата, но пред се и кон нивните родители и наставниците дека оваа мерка која е ветување на новата Влада ќе биде спроведена и ќе се воведат нови механизми на квалитетот на образованието. Би било нецелисходно тоа да се случи по 10 јуни оти тестирањето ќе биде завршено. Редно е мерката да се спроведе пред одржување на екстерното тестирање до 5 ти јуни.

Според  Деловникот за владиниот состав Собранието води единствен претрес, кој може да трае најмногу два дена. Редоследот на пратениците кои ќе учествуваат во расправата го утврдува претседателот на Собранието, кој треба да обезбеди учество на пратеници од различни политички партии застапени во Законодавниот дом. Пратениците гласаат јавно, за составот на Владата во целина. За избор новиот владин кабинет и програма треба да добијат поддршка од најмалку 61 пратеник, по што спикерот го информира Претседателот на државата.

 Во насока на усогласување на редоследот на дискусија, попладнево се одржа и координација кај Талат Џафери, на која не присуствуваше единствено претставник на ВМРО-ДПМНЕ, а засега е неизвесно и дали оваа партија ќе биде дел од утрешната седница.