Македонија
22. January 2017 - 17:07

Утре почнува второто полугодие од учебната година

Стартува второто полугодие од учебната година. Утре учениците се враќаат во школските клупи со што заврши продолжениот зимски распуст. Учениците останаа дома дополнителни два дена од предвидениот одмор. Министерството за образование и наука одлучи на 18-ти и 20-ти јануари да нема настава, а изгубените часови да се одработат во сабота во месеците март и април.

Продолжувањето на зимскиот распуст следеше по препораката упатена од Министерството за здравство и Комисијата за заразни болести поради големиот број на заболени од грип. Според здравствените власти на овој начин се намалиле шансите за дополнително ширење на заразната болест.

Како превентивна мерка, Министерството за здравство и Комисијата за заразни болести препорачаа и темелна дезинфекција на училиштата пред почетокот на второто полугодие. Оваа обврска ја имаа општините кои преку Центрите за јавно здравје требаше да ја реализираат дезинфекцијата во текот на овој викенд.

Инаку во школските клупи од утре се враќаат вкупно 270 илјади ученици – од нив 190 во основно и 80 илјади во средно образование.